Започнува изградбата на новата мултифункционална сала во Берово

Денеска, официјално започнува изградбата на новата мултифункционална сала, во рамките на Домот на култура „Димитар Беровски“, а Берово испишува ново поглавје во својот развој.

Со воведување во работа на изведувачот „Фабрика Карпош“ – Скопје, започнува реализацијата на еден од највредните и најзначајни капитални проекти за општината, со вкупна вредност од 115.274.195,00 денари.

Надзор над градбата е фирмата ,,Градежник ИНГ”, од Берово.

На местото на поранешното кино, кое со децении беше симбол на културниот живот во Берово, ќе никне современ, репрезентативен и мултифункционален објект, создаден според најсовремени стандарди за енергетска ефикасност и функционалност. Новата сала ќе биде дом на концерти, театарски претстави, филмски проекции, свечености и бројни културни настани, што ќе го збогатат животот на граѓаните.

Оваа инвестиција претставува силен исчекор кон модернизација на културната инфраструктура и јасна порака дека Берово вложува во иднината, во младите, во културата и во квалитетот на живот.

Со започнувањето на градежните активности, Берово добива нов симбол на напредокот и достоинствен простор, што ќе ги обединува генерациите, ќе создава нови вредности и ќе биде гордост на целиот регион.

Упатуваме искрена благодарност до Владата и Министерството за култура и туризам,  за поддршката и визијата, со чија помош,  се овозможува реализација на вакви значајни проекти,  што носат развој, напредок и подобра иднина за нашата општина.

Горе