Градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, денеска во Кавадарци, учествуваше на консултативен настан, посветен на унапредувањето на меѓуопштинската соработка и предложените измени и дополнувања на Законот за меѓуопштинска соработка.

На настанот, на кој присуствуваа градоначалници, претставници на општините и релевантни институции, беа разгледани предложените законски решенија кои имаат за цел да овозможат поефикасна соработка меѓу општините и поквалитетно обезбедување на услуги за граѓаните.

Во своето обраќање, заменик-министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими, истакна дека предложените измени и дополнувања на Законот, имаат за цел да создадат појасна, попрактична и полесно применлива законска рамка, која ќе придонесе за унапредување на меѓуопштинската соработка. Воедно, беа презентирани и активностите што Министерството за локална самоуправа ги спроведува, во насока на јакнење на меѓуопштинската соработка и спроведување на реформите во јавната администрација.
Учеството на Општина Берово на ваквите настани, претставува значаен придонес во процесот на креирање поквалитетни законски решенија и размена на добри практики меѓу единиците на локалната самоуправа, со крајна цел подобрување на услугите за граѓаните и поттикнување на локалниот развој.
Консултативниот настан се реализираше во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“, кој го имплементира УНДП.
