Одржана јавна дебата за дефинирање на приоритетите за претстојниот јавен повик за граѓански организации

Вчера во Општина Берово, се одржа јавна дебата за дефинирање на приоритетите за претстојниот Јавен повик за финансирање на проекти на граѓански организации, кој се планира да биде објавен на крајот на октомври 2026 година.

Јавната дебата беше можност за заинтересираните граѓани и претставниците на граѓанскиот сектор активно да се вклучат во дискусијата, да ги споделат своите идеи, предлози и мислења и да дадат придонес во утврдувањето на приоритетите за развој на локалната заедница.

Целта на дебатата беше да се обезбеди транспарентен, партиципативен и инклузивен процес при креирањето на приоритетите за јавниот повик, со што ќе се овозможи подобро планирање и поддршка на иницијативи кои придонесуваат за локалниот развој, заштитата на животната средина, социјалната инклузија и унапредувањето на квалитетот на животот на граѓаните.

Како резултат на дискусијата, беа дефинирани следните приоритетни области:

  1. Локален економски развој и туризам

  2. Култура и културно наследство

  3. Социјална заштита и човекови права

  4. Животна средина, енергетска ефикасност и климатски промени

  5. Млади и спорт

Општина Берово продолжува да ја поддржува соработката со граѓанскиот сектор и создавањето можности за заедничко делување, во насока на одржлив и инклузивен локален развој, преку иницијативи што одговараат на потребите и приоритетите на граѓаните.

Благодарност до Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), која преку Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 (ReLOaD3), финансирана од Европската Унија (ЕУ), придонесува за зајакнување на капацитетите на граѓанскиот сектор во Берово и создавање можности за реализација на проекти од локално значење.

Горе