Градоначалникот Петар Ружински, им посака успех на пингпонгарите од ППК „Зегин“ Берово, пред настапот на Балканското првенство

Градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, денеска оствари средба со членовите на пингпонгарскиот клуб „Зегин“ Берово, во пресрет на нивното заминување на Балканското првенство во пинг-понг, кое ќе се одржи во Елбасан, Република Албанија.

Македонските шампиони Јован Пармачки и Бојана Јовевска, предводени од својот тренер Јован Ковачовски, ќе ги бранат боите на клубот и ќе го носат националниот дрес, на ова престижно меѓународно натпреварување.

Настапот на Балканското првенство, претставува голема чест, но и значајна одговорност за младите спортисти, кои ќе имаат можност да ги одмерат силите со најдобрите пингпонгари од регионот и да ја претстават Македонија на највисоко ниво.

На средбата, градоначалникот Ружински им посака многу успех, спортска среќа и достојно претставување на Берово и државата, истакнувајќи дека нивните досегашни резултати, сами по себе се доказ, дека посветеноста, дисциплината и напорната работа, секогаш носат успеси.

„Вие сте гордост за Берово и  Малешевијата, инспирација за младите генерации. Со своите успеси, покажувате дека и од помалите средини,  можат да произлезат врвни спортисти. Верувам во вашите квалитети и ви посакувам со достоинство да ги претставите клубот, градот и нашата држава“, порача градоначалникот Ружински.

Општина Берово и понатаму ќе продолжи да ги поддржува младите спортисти и развојот на спортот, препознавајќи го нивниот придонес,  во промоцијата на општината и афирмацијата на вистинските вредности

Горе