Градоначалникот Пекевски оствари средба со фудбалската легенда Никица Клинчарски

Денеска, во својот кабинет, градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, оствари средба  со фудбалската легенда Никица Клинчарски.

На средбата разговараа за можностите за соработка, во насока на подигнување на спортското ниво во Берово, за состојбите некогаш и сега во фудбалот, за успесите на Клинчарски на фудбалските терени, но и  за почетоците на неговата кариера.

Посебно беше потенцирано дека, не секогаш финансиските средства се пресудни за да се стане успешен, особено во спортот.  Како што истакна Клинчарски, со  вредна работа и секојдневно тренирање, се постигнуваат лични резултати а успехот понатаму доаѓа сам по себе.

Инаку, Никица Клинчарски најголемиот дел од неговата богата фудбалска кариера го поминува во белградски Партизан, одреден период бил и капитен на клубот. За овој клуб игра 13 години, а настапува и за репрезентацијата на Југославија.

Како играч на Партизан има освоено две првенства (1973, 1983) и еден Куп на Југославија (1989).

Неговата богата фудбалска кариера и врвните достигнувања, ќе бидат презентирани во Музеј на град Берово, на 23.7.2021 (петок), во 18:00 часот.

Горе