„Безбедноста не е игра – вози паметно!“ е пораката, со која Локалниот совет за превенција на Општина Берово, ја започнува својата превентивна кампања за безбедно користење на електричните тротинети. Одлуката за реализација на кампањата, беше донесена на втората седница на новиот состав на ЛСП Берово, одржана на 1 јуни 2026 година, како одговор на се почестата употреба на електрични тротинети и потребата од поголема сообраќајна култура и одговорност кај младите.

Членовите на Советот констатираа дека во последниот период е забележан пораст на бројот на корисници на овие превозни средства, но истовремено и зголемен бројот на сообраќајни незгоди и ризични ситуации, предизвикани од непочитување на сообраќајните правила, управување со несоодветна брзина и недоволно внимание во сообраќајот. Ваквите појави, наметнуваат потреба од навремена реакција и засилени активности насочени кон превенција и едукација.
Со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот, Локалниот совет за превенција на Општина Берово, во соработка со ОВР Берово, основните и средните училишта, донесе заклучок за започнување на превентивна кампања за подигнување на јавната свест за безбедно користење на електричните тротинети.
Кампањата ќе биде насочена кон информирање и едукација на учениците, младите и нивните родители за правилното управување со електричните тротинети, законските одредби кои го регулираат нивното користење, потенцијалните ризици од несовесно однесување во сообраќајот, како и значењето на личната одговорност и почитувањето на сообраќајните прописи.



Локалниот совет за превенција, апелира до сите учесници во сообраќајот, а особено до родителите, активно да придонесат во градењето на сообраќајна култура и безбедни навики кај најмладите. Преку заеднички активности на институциите, образовните установи и семејствата, може значително да се намалат ризиците и да се зголеми безбедноста на улиците и јавните површини.
Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност на сите нас, а почитувањето на правилата претставува најдобра заштита за сопствениот и за животот на другите учесници во сообраќајот.
