Со голема почит, низ емоции, денеска во Берово се чествува ликот и делото на загинатите бранители од Берово, во воениот конфликт 2001 година: Зоран Бубевски, Никола Пехчевски, Љупчо Мирчовски и Димитар Двојаковски.
Делегации од Министерство за внатрешни работи, Министерство за труд и социјална политика, од единиците од Армијата, од Република Франција, од Општина Берово, Општина Пехчево, почитуваните и ценети семејства на загинатите бранители, другари, пријатели , положија свежо цвеќе на спомен обележјето, кое што засекогаш ќе ги избриша од заборав ликовите на загинатите бранители.
Свое обраќање имаше Министерот за внатрешни работи, г-дин Оливер Спасовски , кој меѓу другото рече дека денешниот чин претставува една благородна идеја, која што доживеа своја реализација и преку која сакаме сите ние, уште еднаш да им се поклониме и да го овековечиме споменот на нашите херои, чии животи се вградени во темелите на нашата земја. Впрочем, нашата држава е создадена и постои благодарение на безрезервната жртва дадена од многу нејзини херои, патриоти, наши браќа, синови, сопрузи, татковци, другари. Не постои поголема вредност, поголема доблест од тоа да се стави сопствениот живот на браникот на татковината, акт длабоко бткаен во опстојувањето на една држава. Всушност, сето она што сме го имале и го имаме им го должиме на нашите херои- рече во своето обраќање пред присутните министерот Спасовски. Наша должност и аманет пред нив е, да го чуваме, да го негуваме и да го пренесуваме сето она што тие го оставија зад себе како наследство за што сме им вечно бнлагодарни. Нека им е вечна слава!- го заврши своето обраќање пред присутните министерот Спасовски.
На настанот се обрати и градоначалникот на општина Берово, г-дин Звонко Пекевски, кој истакна дека денешниот настан е организиран со цел да им оддадеме почит на бранителите, но и на нивните најблиски, да ја споделиме тагата, но и да им кажеме дека нивната жртва и дело, никогаш нема да бидат заборавени. Тие засекогаш ќе останат запаметени како херои, кои што го дадоа животот за нешто поголемо од себе. Затоа овој настан ќе прерасне во традиција, за да сите идни млади поколенија , знаат дека за ова што денес го имаме, некои го дадоа својот живот.
Вечна им слава на загинатите бранители!- го заврши своето обраќање пред присутните Градоначалникот Пекевски.
Низ историски осврт, беше прочитан реферат за четворицата бранители , а ученици од средното општинско училиште ,,Ацо Русковски” , ги прочитаа своите поеми.
Исто така на единиците на кои припаѓале загинатите бранители од страна на Општина Берово , им беа врачени макети од споменикот, а беа доделени и плакети за особен придонес на истакнати личности.
Инаку спомен обележјето е подигнато од страна на Општина Берово, на иницијатива на претставници од Батаљон за врски Скопје, единицата која го чествува споменот на Зоран Бубевски, а автор на истото е г-дин Кирил Мукаетов од Кавадарци .