Министерството за внатрешни работи – Полициската станица од општа надлежност Берово, во партнерство со Општина Берово, започнува превентивна кампања за регулирање на сообраќајот и спречување на непрописното паркирање, со посебен акцент на централното градско подрачје.
Со цел подобрување на сообраќајниот ред, непречено одвивање на сообраќајот и зголемување на безбедноста на сите учесници, ги потсетуваме граѓаните на следново:
- Оставањето на возилата на коловозните ленти претставува пречка за нормално одвивање на сообраќајот и може да ја загрози безбедноста на учесниците во сообраќајот.
- Почитувањето на поставените сообраќајни знаци и сообраќајната сигнализација е задолжително за сите учесници во сообраќајот.
- Паркирањето треба да се врши исклучиво на места предвидени и означени за таа намена.
Превентивната кампања ќе трае 15 дена, во кој период граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со правилата и обврските за правилно паркирање и почитување на сообраќајниот режим.
По завршувањето на превентивниот период, ќе се пристапи кон преземање соодветни репресивни мерки против сите прекршители, согласно законските прописи.
Преку оваа кампања, не само што придонесуваме за подобрување на сообраќајниот ред и безбедноста, туку и градиме партнерство меѓу институциите и граѓаните, засновано на меѓусебна доверба, соработка и заедничка одговорност за создавање побезбедна и поуредена локална заедница.
Апелираме до сите граѓани да покажат одговорност, совесност и почитување на сообраќајните правила.
Со правилно паркирање и одговорно учество во сообраќајот, придонесуваме за побезбедно, поуредено и попристапно Берово.
Заедно за побезбеден сообраќај!
