ОДРЖАНИ ИЗЛОЖБИТЕ „АНА ФРАНК – ИСТОРИЈА ЗА ДЕНЕС“ И ИЗЛОЖБАТА ПОСВЕТЕНА НА ГЕНОЦИДОТ ВРЗ РОМИТЕ ВО БЕРОВО

Во Берово беа отворени изложбите „Ана Франк – Историја за денес“ и изложбата посветена на геноцидот врз Ромите за време на Втората светска војна, реализирани со поддршка и иницијатива на Младинскиот образовен форум и РРОМА.

Настанот беше посветен на едукацијата на младите за историските неправди, дискриминацијата, предрасудите, стереотипите и важноста на почитувањето на човековите права и различностите.

Посебна вредност на изложбите им даде активното учество на средношколците од ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово, кои се вклучени во нивната подготовка и презентација, покажувајќи дека младите можат да бидат активни носители на иницијативи кои отвораат значајни општествени прашања и поттикнуваат критичко размислување.

На настанот беше истакнато дека историјата не треба да ја паметиме само како збир на минати настани, туку како важна поука и потсетник за одговорноста што сите ја имаме во градењето општество засновано врз почитување, толеранција, солидарност и човечност.

Општина Берово останува посветена на поддршката на младинските иницијативи, образованието и активностите кои придонесуваат кон развој на свесни, одговорни и активни граѓани.

Градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, истакна дека ваквите иницијативи, имаат особено значење во едукацијата на младите, бидејќи преку запознавањето со историските неправди се градат генерации кои ќе ги препознаваат предрасудите, ќе се спротивставуваат на дискриминацијата и ќе ги почитуваат човековото достоинство и различностите.

Нека пораката од овие изложби биде траен потсетник дека неправдата никогаш не смее да има неми сведоци, дека различностите нè збогатуваат, а почитувањето на човековото достоинство, толеранцијата и човечноста се вредности врз кои треба заеднички да ја градиме нашата иднина.

Горе