Општина Берово учествува на регионална конференција за прекугранична соработка

Градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, заедно со делегација од општинската администрација, денеска учествуваат на Втората регионална консултативна конференција во рамките на Програмата за прекугранична соработка Interreg ИПА Бугарија – Северна Македонија, која се одржува во Струмица.

Конференцијата претставува значаен стратешки настан во процесот на подготовка на новата програма за програмскиот период 2028–2034 година и има за цел да ги утврди приоритетите за идната прекугранична соработка меѓу двете земји.

Во фокусот на регионалната консултација,  се развојот на нови заеднички проекти и воспоставувањето силни и одржливи партнерства помеѓу институциите, граѓанските организации, бизнис секторот и другите релевантни чинители од пограничниот регион.

На конференцијата учествуваат претставници на локалните самоуправи, граѓанскиот сектор, бизнис заедницата и експерти, кои преку отворен дијалог и работни сесии ги идентификуваат приоритетните области и можностите за унапредување на прекуграничната соработка.

Делегацијата на Општина Берово активно се вклучува во дискусиите, претставувајќи ги потребите и развојните приоритети на општината, со цел иницирање нови партнерски проекти и обезбедување дополнителни можности за локален развој преку европските фондови.

Новата Програма за периодот 2028–2034 година се креира со активно учество на локалните заедници и институциите, овозможувајќи директен придонес во дефинирањето на политиките, приоритетите и визијата за идниот развој на пограничниот регион.

Преку консултативните работни сесии се мапираат реалните потреби на регионот, се препознаваат неговите развојни потенцијали и се поставуваат темелите за поефикасна, поодржлива и поуспешна прекугранична соработка во наредниот програмски период.

Горе