,,Македонија без кал”-Потпишан договорот за ,,Реконструкција на улици во с. Двориште”

Денеска во просториите на Општина Берово, Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски го потпишаа договорот со кој с. Двориште конечно ќе добие соодветна патна инфраструктура.
По потпишувањето на договорот, заеднички извршија увид во село Двориште каде што се реализира проектот за „Поврзување на општините со локални патишта“.
Проектите за развој на модерна инфраструктура во изградба на нови патишта, рехабилитација на регионални и магистрални патни правци оваа година како што истакна министерот Бочварски ќе продолжат со посилен интензитет, со примарен фокус на регионалното поврзување и посебен прироритет на локалните патни правци, со цел забрзан локален развој и модернизација на македонските општини.
-Инвестициите во патната мрежа се неопходни за да создадеме подобри услови за живот на граѓаните. Проектот за поврзување на локалните патишта го овозможува токму ова, развој на локалната патна мрежа и подобрување на урбаното живеење на граѓаните. Би сакал да ја искористам оваа прилика и да истакнам дека денеска со градоначалникот го потпишавме договорот за имплементација за реконструкција на локалниот пат до селото Двориште со должина од 3300 метри. Вкупната вредност за реконструкција на овој пат изнесува над 400 илјади евра и очекуваме работите да бидат завршени пред крајниот рок за изведба односно во текот на оваа календарска година, рече Бочварски.
Потенцираше дека реконструкцијата на овој пат е по барање на жителите и на општината, и очекува со негова санација да се обезбди поголема безбедност и подобра комуникација помеѓу населените места.
-Кога сме кај селото Двориште би сакал да посочам дека пред 10 дена завршивме со изградбата на цевководот за вода за пиење за ова населено место, исто така за овој проект работевме преку Министерството за транспорт и врски и Општина Берово. Гледаме особен интерес на отворање на граничниот премин Клепало кој ќе придонесе за дополнителен развој на турзимот и локалната економија. Делницата Берово – Клепало од наша страна е целосно реконструирана, додаде Бочварски.
Во насока на подобрувањето на условите за развој на туризмот го напомена и проектот за реконструкција на водоводната мрежа во туристичката населба Беровско Езеро.
-Со проектот се предвидува изградба на цевковод во должина од 2 километри како и изградба на секундарна мрежа во должина од преку еден километар за водоснабдување на туристичката населба. Проектот кој е со вредност од 3 милиони денари го работиме во соработка со општината и според договорот е 12 месеци. Развојот на туризмот е гранка која Владата континуирано ја поддржува и во таа насока со општината заеднички работиме на проекти кои се од особено значење за развој на туризмот и локалната економија, додаде министерот за транспорт и врски.
Владата и министерството, како што додаде ќе продолжи да работи на огромен број на капитални проекти во државата, според план со кој за реконструкција на патишта и железници се обезбедени 2,7 милијарди евра, инвестиции кои според министерот се мошне значајни во време на Ковид криза.
Со оваа инвестиција, како што додаде градоначалникот Звонко Пекевски, се решава горлив комунален проблем на жителите од село Двориште кој единствено е можно да се реализира преку проектите ,,Македонија без кал” со што на тој начин ќе се подобрат условите за живот за жителите на село Двориште.
Горе