Етно Плоштад Фестивал во Берово – Фестивал кој не треба да го пропуштите

Во пресрет на големиот христијански празник „Успение на Пресвета Богородица“ – Голема Богородица (28ми Август), Берово секоја година во последниот викенд од месец Август е жариште на културниот бран во Берово,  кој ги обедини сите, кои уживаат во мелоритмот на етно музиката, вклопени во еден од најголемите фестивали на отворено во Македонија и пошироко – Етно Плоштад Фестивал.

 

Етно Плоштад Фестивал е подвижен музеј на она најубавото, исконското, непроценливо фолклорно богатство,  негувано од нашите музички амбасадори, кои се предвесници на бурата во која низ миговен отсрел, на непресушен вековен процес на преродување, се отсликува македонскиот идентитет.

 

Музиката како универзален јазик на фестивалот, се изведува од нашите најдобри етно групи и културно уметнички друштва кои се воедно и најголеми светски македонски амбасадори на македонското и традиционалното.

 

Етно Плоштад Фестивал ги пренесува и етно звуците на балканската музика која дава допринос кон издвојување на сето она,  кое е карактеристично за самиот Балкан и традицијата која ја негуваат нашите соседи.

 

Вистинска магија на настанот дава и интернационалниот саем на традиционални производи „Малешевијата на дланка“ кој се одржува во склоп на фестивалот. Шаренилото од бои и богатството на производи на бројните штандови му дава посебен дух на целиот плоштад. Тука може да најдете ракотворби, сувенири и резби изработени на традиционален начин или стилизирани. Може да вкусите и од медот, млечните производи, сокови, оцет или од тестенините. Се е подготвено по традиционални рецепти,  од природни суровини.

 

Во склоп на ЕТНО ПЛОШТАД ФЕСТИВАЛ, се одржува и фестивалот на детски песни ,,Малешевско ѕвонче”, кој зазема значајно место во културниот живот во Берово и од него произлегуваат многу таленти во музика од Берово.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Горе