Почнуваат активности за реализација на проект ,, Реконструкција на улици во с. Двориште” во должина од 3350 метри, во рамките на проектот „Македонија без кал“, преку кој значително ќе биде подобрена инфраструктурата, во едно од најнаселените населби во општина Берово.
Денеска во просториите на Општина Берово, остварен е состанок со претставници од изберената фирма изведувач, претставник од надзорот и жители од с. Двориште. После тоа сите присутни, беа на терен каде изведувачот е воведен во градба и се очекува почеток со реализација, за некаде околу 2 недели.
Проектот е со вредност од 22 милиони денари, финансиран е од Светска банка, а целокупната постапка се спроведува преку Министерството за транспорт и врски.
Градоначалникот Звонко Пекевски на воведување во градежните работи, кажа дека во наредниот период ќе се реконструираат повеќе улици во Берово, и населените места.
Граѓаните на Берово ќе добијат нови побезбедни улици, со што ќе се подобри квалитетот на живот. Минатата година покажавме еден нов, брз и ефикасен начин на работа, со реализација на голем број проекти, па се надевам дека и оваа година, работите ќе течат според предвидената динамика, додаде Пекевски.
-Искрено верувам дека резултатите и придобивките, од рализацијата на сите овие проекти, ќе бидат одржливи и ќе продолжат да траат во годините нанапред.
Инаку, во рамките на Програмата за реконструкција на локални улици и патишта, за 2021 година, засега извесна е реконструкцијата на улиците ,,5”, ,,Горги Димитров” и крак од истата, улица ,,7”, дел од ул ,,Борис Кидрич”, во Берово, и улица ,, 2”, во село Русиново, што навестува подобрување на патната инфраструктура во Берово, во значителни размери.