Етно Плоштад Фестивал во Берово – Фестивал кој не треба да го пропуштите

Во пресрет на големиот христијански празник „Успение на Пресвета Богородица“ – Голема Богородица (28 август), Берово секоја година, во последниот викенд од месец август, се претвора во вистински центар на културните случувања. Градот станува собиралиште на љубителите на етно музиката и традицијата, обединети во духот на еден од најзначајните фестивали на отворено во Македонија и пошироко – Етно Плоштад Фестивал.

Етно Плоштад Фестивал, претставува жив, подвижен музеј на највредното и исконско фолклорно богатство. Преку настапите на истакнати музички изведувачи и ансамбли, се оживува традицијата и се пренесува македонскиот културен идентитет, како дел од еден континуиран процес на негово негување и обновување.

Музиката, како универзален јазик на фестивалот, ја изведуваат најдобрите етно групи и културно-уметнички друштва, кои воедно се и значајни промотори на македонската традиција на меѓународната сцена.

Фестивалот ги опфаќа и богатите етно звуци на балканската музика, придонесувајќи за истакнување на заедничките, но и специфичните културни обележја на регионот и традициите што ги негуваат соседните народи.

Посебна магија на настанот му дава интернационалниот саем на традиционални производи „Малешевијата на дланка“, кој се одржува во рамки на фестивалот. Шаренилото од бои, мириси и вкусови создава уникатна атмосфера на плоштадот. Посетителите имаат можност да најдат ракотворби, сувенири и резби изработени на традиционален начин, како и да вкусат мед, млечни производи, природни сокови, оцет и домашни тестенини, подготвени по автентични рецепти од природни суровини.

Во рамки на Етно Плоштад Фестивал се одржува и фестивалот на детски песни „Малешевско ѕвонче“, кој зазема значајно место во културниот живот на Берово. Овој фестивал претставува расадник на млади музички таленти и дава значаен придонес во развојот на детската музичка сцена.

Горе