Градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, заедно со делегација од општинската администрација, денеска учествуваат на Втората регионална консултативна конференција во рамките на Програмата за прекугранична соработка Interreg ИПА Бугарија – Северна Македонија, која се одржува во Струмица.

Конференцијата претставува значаен стратешки настан во процесот на подготовка на новата програма за програмскиот период 2028–2034 година и има за цел да ги утврди приоритетите за идната прекугранична соработка меѓу двете земји.
Во фокусот на регионалната консултација, се развојот на нови заеднички проекти и воспоставувањето силни и одржливи партнерства помеѓу институциите, граѓанските организации, бизнис секторот и другите релевантни чинители од пограничниот регион.
На конференцијата учествуваат претставници на локалните самоуправи, граѓанскиот сектор, бизнис заедницата и експерти, кои преку отворен дијалог и работни сесии ги идентификуваат приоритетните области и можностите за унапредување на прекуграничната соработка.
Делегацијата на Општина Берово активно се вклучува во дискусиите, претставувајќи ги потребите и развојните приоритети на општината, со цел иницирање нови партнерски проекти и обезбедување дополнителни можности за локален развој преку европските фондови.
Новата Програма за периодот 2028–2034 година се креира со активно учество на локалните заедници и институциите, овозможувајќи директен придонес во дефинирањето на политиките, приоритетите и визијата за идниот развој на пограничниот регион.

Преку консултативните работни сесии се мапираат реалните потреби на регионот, се препознаваат неговите развојни потенцијали и се поставуваат темелите за поефикасна, поодржлива и поуспешна прекугранична соработка во наредниот програмски период.
