Со цел олеснување на трошоците на родителите, на почетокот на учебната година, денеска, на сметките на родителите на беровските првачиња, легнаа по 5.000,00 денари од Буџетот на Општина Берово.
На 84 првачиња, кои годинава ќе го започнат своето школување во беровските училишта, денеска им се исплатени по 5.000,00 денари, како поддршка од локалната самоуправа, за купување на школски прибор, и други потребни работи за почетокот на учебната година.
На почетокот на учебната година, секогаш трошоците на родителите се големи и од тие причини одлучивме, за сите првачиња, да дадеме поддршка на родителите.
Се надевам дека ќе имаме весели првачиња, а исплатените средства ќе бидат добредојдени во престојниот период, за родителите да им овозможат се што им е потребно за среќен почеток, на своите деца- истакна Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски.
Подобрувањето на условите за учење за учениците, е еден од најважните приоритети на општината и ќе направиме се што е во наша надлежност за подобри услови за настава.
За реализација на оваа активност, Преку програмата за социјална заштита, од Буџетот на општина Берово за 2023 година, исплатени се вкупно 420.000,00 денари.
Овозможуваме пријатен почеток на првата учебна година и подобри услови во образовниот процес за секое дете.