Советот на Општина Берово донесе одлука за преименување на 4 улици, по имињата на загинатите бранители од Берово, во конфликтот 2001 година

Советот на Општина Берово, на денешната 31 седница на Совет на Општина Берово, едногласно,  донесе одлука за промена на имиња на улици и определување на нови имиња на улици во општина Берово, по имињата на  загинатите бранители во конфликтот 2001 година.

 

  • Името на улицата „Моша Пијаде„ во градот Берово, се преименува во улица „Зоран Бубевски”;
  • Името на улицата“Борис Кидрич” во градот Берово се преименува во улица “Димитар Двојаковски”;
  • Името на улицата “Неретва” во градот Берово се преименува во улица “Никола Пехчевски”;
  • Името на улицата “Димитар Влахов” во село Русиново се преименува во улица “Љупчо Мирчовски”.

Улиците се преименувани, по претходно спроведена постапка, согласно Закон за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, со добиена Согласност од  Владата на Република Северна Македонија, на иницијатива на Градоначалникот на Општина Берово, по претходно доставена иницијатива од Министерство за одбрана, Генералштаб на Армијата , Команда за операции, Батаљон за врски Скопје, единицата која го чествува споменот на Зоран Бубевски.

Во рамките на истата иницијатва, во 2021 година, општина Берово, подигна спомен обележје кое го краси паркот кај Основниот суд во Берово и ги чува од заборав, ликовите на загинатите бранители.

Со преименувањето на улиците, уште еднаш,  им се поклонуваме и  го овековечиме споменот на нашите херои, чии животи се вградени во темелите на нашата земја, која што е создадена и постои благодарение на безрезервната жртва, дадена од многу нејзини херои, патриоти, наши браќа, синови, сопрузи, татковци, другари.

Не постои поголема вредност, поголема доблест, од тоа да се стави сопствениот живот на браникот на татковината, акт длабоко вткаен во опстојувањето на една држава.

Вечна им слава на загинатите бранители и вечен спомен на нивните имиња во Берово!

Горе