Екипата на „ АРМ Гарнизон Штип“, со победа од 2:1 над тимот на „Угостители и Обложувалници“, го освои првото место на Работничките спортски игри во Берово.Фудбалерите на „ АРМ Гарнизон Штип“ заслужено се радуваа на освоениот шампионски медал на РСИ 2022, откако после првото полувреме, кое заврши нерешено, во вториот дел го скршија отпорот на противничката екипа и постигнаа гол за прослава на првото место.
Благодарност до сите учесници и до сите кои придонесоа за успешна реализација на Работничките спортски игри 2022 година, а посебна благодарност до Жито Малеш за спонзорството, упати Градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски.
-Утакмицата беше тешка, отпорот и на двете екипи траеше во текот на целиот натпревар.Примавме гол уште во втората минута, но на крајот сплотено целата екипа, придонесовме за нашата победа и освојување на првото место.Задоволни сме сите од овие фудбалски игри во Берово и мило ми е дека сите екипи најнапред играа за забава, дружба и фер игра, а најбитно е дека немаше посериозни повреди.Им честитаме на сите екипи кои освоија медали и за наредната година се враќаме уште посилни – истакнаа фудбалерите на „ АРМ Гарнизон Штип“.
Претходно за третото место, силите ги одмерија фудбалерите на „Општина Берово“ и тимот на „Гранична полиција“, каде во една неизвесна и цврста игра, на крајот победата со резултат од 3:0 им припадна на момците од тимот на „Општина Берово“.
Салата „Македонски Бранители“ во Берово уште еднаш беше центарот на спортските случувања, а се бараше место повеќе на преполните трибини.Граѓаните пак кои имаа прилика уште еднаш да гледаат добар футсал, задоволни од организацијата на РСИ 2022, порачаа дека ваквите случувања се добредојдени во градот.
После завршувањето на натпреварите од страна на градоначалникот Звонко Пекевски, беа доделени благодарници, на сите екипи учеснички и пехари на најуспешните екипи, со што за сите учесници следуваше коктел забава и вечера во ресторанот „Кеки“ во Берово.
Во продолжение еве ги и наградите кои беа доделени за најуспешните на Работничките спортски игри:
Пехар за 1 место – АРМ Гарнизон Штип
Пехар за 2 место – Угостители и Обложувалници
Пехар за 3 место – Општина Берово
Најдобар играч – Бобан Давитковски
Најдобар стрелец – Глигорчо Арменски
Најдобар голман – Тони Постоловски
Најфер екипа – Приватни фирми
Ветеран на РСИ – Жико Милошевски
Исто така благодарници беа доделени и на судијата Горан Пармачки, на неуморниот и секогаш насмеан домаќин на салата „Македонски Бранители“ Роберт Печински, како и на порталот Малеш Нет, за медиумска поддршка на игрите.
Овие Работнички спортски игри во Берово, ќе бидат запаметени како најмасовно посетени и по најмногу екипи учесници до сега.