Денеска Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, потпиша договор за соработка, со Министерството за труд и социјална политика, за реконструкција и адаптација на Домот за стари лица „д-р.Иван Влашки“ – 4 ламела, со што Општина Берово ќе работи на зголемување на капацитетот, за нови 28 корисници во домот.
Целта на договорот е унапредување, промоција и поддршка на политиките за развој на социјалните услуги на локално ниво и подобрување на квалитетот и пристапот на услугите, согласно потребите на граѓаните во социјален ризик.
За ваквата адаптација од страна на Министерството за труд и социјална политика, издвоени се 14.165.699,40 денари, вкупна вредност со ДДВ.
Како општина и понатаму продолжуваме да ги препознаваме потребите на граѓаните, особено потребите на повозрасната група на граѓани и да овозможуваме достоен живот за сите.
Голема благодарност до Министерството за труд и социјална политика, кое не препознава како сериозен партнер во развојот на социјалните услуги на локално ниво и ни овозможува реализација на вакви големи проекти.
Продолжуваме со заложбите за унапредување на квалитетот на живот на старите лица и на сите граѓани во Општина Берово.