Над 200 пензионери од: Берово, Пехчево, Делчево, Македонска Каменица, Виница и Кочани, денеска зедоа учество на 20-тите по ред регионални ревијални пензионерски средби кои се одржаа во Берово.
На 20 тата регионална пензионерска ревија на песна музика и игра, пензионерите преку песна и оро, ги презентираа фолклорните и традиционални обичаи од нивните краишта, со што, го зачувуваат нашето богато, македонско културно наследство.
Присутните ги поздрави претседателот на здружение на пензионери од Берово, Васко Механџиски, кој посака пријатен престој во Берово и да понесат со себе убави спомени од нашиот град.
Пред преполната сала публика, се обрати и Претседателот на Совет на Општина Берово, Стево Суџуковиќ, кој посака, пред се пријатен престој, во дружба и добро расположение, добро здравје и активно учество во сите сфери, посакувајќи им на сите, од Берово да си заминат со позитивни впечатоци.
Ревијата ја отвори Ментор Ќоку -потпретседател на Извршен одбор на СЗПМ, кој даде кратко резиме за пензионерското организирање во Берово и истакна задоволство што денес во Берово со богатата вековна култура, се презентира богатството на традиции и културната ризница, а како што додаде преку песна и ора, пензионерите силно ја чуваат традицијата. Тој истакна дека основна задача на сите е подобрувањето на условите за пензионерите, повисок стандард, грижа и заштита на пензионерите.
Дваесетите регионални ревијални пензионрески средби се одржуваат во организација на Сојузот на пензионери.После овие средби, во текот на месец јуни, ќе се одржат државни ревијални пензионерски средби, после што најдобрите ќе учествуваат на ревијални средби во Република Словенија.