Драги сограѓани,
Довербата што ја добив од Вас, ја прифатив како голема одговорност и обврска, да работам посветено, чесно и во интерес на Општина Берово и сите нејзини граѓани.
Денеска, после една година од стапувањето на функцијата градоначалник, пред Вас го презентираме сработеното – проектите што ги реализиравме, активностите што ги презедовме, средствата што ги вложивме и резултатите што ги постигнавме во повеќе области, од значење за секојдневниот живот.
Ова не е само преглед на реализирани проекти. Ова е отчет, за преземената одговорност, за одлуките што ги донесовме и за насоката во која заедно го движиме Берово.
Во изминатиот период, со јасно поставени приоритети и посветена работа, започнавме со реализација на повеќе значајни инфраструктурни проекти, насочени кон подобрување на условите за живот и унапредување на инфраструктурата во Општина Берово и тоа:
- Започна реализацијата на проект за изградба на мултифункционална сала, во рамки на Домот на култура „Димитар Беровски“
- Изградена е на нова пристапна улица – крак од ул. „Мирче Ацев“, во централното градско подрачје, во Берово.
- Реконструирани се тротоарите на дел од улицата „Задарска“ и направен е нов зелен појас на улицата
- Изграден е армирано-бетонски потпорен ѕид, на улица „Маршал Тито“ во Берово
- Асфалтирана е улицата „Гоце Делчев“ во с. Ратево
- Изграден е канал за одведувањето на атмосферските води во с. Ратево
- Изградени се 2 потпорни ѕида, во с. Ратево.
- Реконструиран е крак од ул.Први Мај – Берово
- Оградена и партерно е уредена Депонијата за градежен шут, на локалниот пат „Берово – Абланица -Црвен Брег”
- Извршено е одведување на атмосферски води од улица “Први Мај” –во Берово
- Направена е доградба на фекална канализација во Ромско Маало, втор крак од ул. “23 Август” – Берово
- Поставени се јарболи пред општинската зграда и кај споменикот на загинатите бранители во воениот конфликт 2001 година
- Реконструирани се мостовите на река Брегалница
- Во тек е изработка на техничка документација, за поставување на нов фотоволтаичен систем на Пречистителната станица за отпадни води, во Берово







Во тек се проекти за реализација на:
- Реконструкција на Крак од ул.29.Ноември Берово
- Реконструкција на крак 1 и крак 2 на ул. 15 Корпус
- Изградба на Секундарна водоводна мрежа во с. Ратево
- Реконструкција на ул.,,2” во Берово

Континуирано се врши обнова на уличното осветлување, при што промена и подобрување на уличното осветлување е извршено во:
- село Смојмирово и
- село Будинарци

Во рамки на Програмата за заштита од штетно дејство на водите за 2026 година, извршено е чистење на коритото на реката Брегалница

Во насока на подобрување на условите за најмалите :
- Најмладите жители на селата Двориште и Будинарци, добија детски игралишта
- Обезбедeни се услови за бесплатно предучилишно образование за деца Роми, во социјален ризик.

Во насока на подобрување на условите за образование:
- Успеавме да ги подмириме дел од натрупаните обврски на Средното општинско училиште „Ацо Русковски“, со што обезбедивме услови за негово стабилно и непречено функционирање
- Се реализираат проекти во рамки на Еразмус+ програмата во ОСУ ,,Ацо Русковски”, во Берово
- Во ООУ ,,Дедо Иљо Малешевски” извршена е реконструкцијата на игралиштето во подрачно училиште во с. Митрашинци, а нови светлечки елементи се поставени во училишниот двор во Берово
Покрај тоа, доделуваме средства, кои се се наменети за поддршка, мотивација и подобрување на условите за живот, енергетска ефгикасност, социјална заштита и образование и тоа:
- Додлуваме средства за првенец на генерација
- За Поддршка и признание за најуспешните ученици.
- За секое првоодделенче и за секој ученик во прва година гимназија, запишани во нашето училиште
- За секое новороденче и за првородено дете
- за млади лица за полагање возачки испит (Б каегорија)
- за лица со попреченост
- за студенти
- како субвенција за клима уреди, со приоритет на стари лица, кои живеат сами
Вложуваме во спортот, преку поддршка на ФК ,,Малеш “ од Берово, поддршка во организација на турнири,поддршка на ППК Еклектик, а имавме и успешна реализација на Работнички спортски игри .
Континуирано вложуваме во опремата на ТППЕ Берово, а добивме и специјално противпожарно возило, донирано од Доброволното противпожарно друштво Битње, Република Словенија.

Преку проект занега и грижа на стари лица во домашни услови, се грижиме за старите лица.
Во областа на културата, организиравме и поддржавме голем број значајни настани, со кои го збогативме културниот и општествениот живот во Берово – од тридневната новогодишна програма и одбележувањето на големиот христијански празник Велигден, преку настанот по повод завршувањето на учебната година, па се до централниот културно-туристички настан – Етно плоштад фестивалот , кој со својата богата музичка програма и Саемот на традиционални производи „Малешевијата на дланка“, понуди можност за промоција на малешевската традиција, домашните производи и творештвото на локалните изложувачи, привлекувајќи голем број посетители од Берово, регионот, целата држава и пошироко.



Понатаму, презедовме конкретни активности во насока на подобрување на животната средина и јакнење на локалната заедница – организиравме акција за расчистување на депонијата за градежен шут и еколошки акции, обезбедивме финансиски средства за реализација на проекти на граѓанските организации преку јавен повик, организиравме работна средба со претставници на локалната бизнис-заедница, обезбедивме бесплатен Wi-Fi во централното градско подрачје, а со цел поголема вклученост на граѓаните и институциите во решавањето на локалните предизвици, формиравме Локален младински совет, Совет за социјална заштита и Локален совет за превенција, тела кои активно работат и придонесуваат во своите области.
Почитувани сограѓани,
Берово е нашето место под сонцето, нашиот дом и нашата љубов – место кое го носиме во срцето и кое сите заедно имаме обврска да го чуваме, развиваме и оставиме уште подобро на генерациите што доаѓаат.
Затоа, продолжуваме посветено да работиме, со јасна визија и со конкретни цели, за Берово да биде општина со подобри услови за живот, повеќе можности за младите, поддршка за семејствата и нови перспективи, за секој наш граѓанин.
Особено ми е важно, да создадеме општина во која младите ќе имаат причина да останат, да се развиваат, да ги реализираат своите потенцијали и тука да ја градат својата иднина.
Овој отчет е пресек на сработеното во изминатиот период, но и основа за она што следува.
Верувам дека најголемите резултати ги постигнуваме тогаш кога работиме заедно, со иста цел, со меѓусебна доверба и со искрена желба, да направиме нешто добро за нашата заедница.
Ви благодарам за довербата, за поддршката и за секој предлог, за секоја конструктивна критика и секоја сугестија.
Продолжуваме да работиме за Берово – за нашите граѓани и за иднината што заедно ја создаваме.
Ви благодарам!
Ваш градоначалник
Петар Ружински
