Вчера, во Бизнис инкубаторот во Берово, се одржа информативен настан за презентација на Студијата за валоризација на природните вредности на Малешевските Планини и Влаина со предлог за прогласување на Заштитен предел „Малешево“ .
Настанот е организиран преку Програмата за зачувување на природата, во соработка со Општините Берово и Пехчево и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Целта на овој организиран настан, на кој беа повикани сите инволвирани страни, е да се обезбеди транспарентно и активно вклучување на засегнатите страни, во процесот за прогласување на „Малешево“ за заштитено подрачје.
На настанот присуствуваа претставници на државни и локални институции, невладини организации, бизнис сектор, како и приватни сопственици и други засегнати субјекти.
Присутни на настанот беа и градоначалниците на Берово и Пехчево.
Се очекува Министерството за животна средина и просторно планирање, официјално, да ја отпочне процедурата, врз основа на иницијативата за прогласување на заштитено подрачје „Малешево”, која беше доставена од страна на Општините Берово и Пехчево.
Изработката на Студијата за валоризација на природните вредности на Малешевските Планини и Влаина со предлог за формирање на Заштитен предел „Малешево“, е реализирана од страна на експертски тим, на Македонско еколошко друштво, во рамки на Програмата за зачувување на природата, во Северна Македонија-фаза 2, Проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од Фармахем Скопје.