Денеска во Берово, се промовира новата противпожарна опрема за ТППЕ во Берово и подружниците на ЈП ,,Национални шуми” во Берово и Пехчево, за справување со шумски пожари, токму на почеток на периодот од годината кога има најголема опасност од шумски пожари.
На настанот, се обрати претставникот на Владата на Република Северна Македонија, Заменик на Претседателот на Владата, за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, кој го нагласи значењето на заштитата на шумите .
” Шумите во нашата земја, па и во Малешевскиот регион, се подложни на пожари. Особено во текот на летото и затоа е важно да има навремено мониторирање, превенирање и постапување во случаи на критични настани. Не смееме да дозволиме познатиот Малешевски шумски венец, да биде загрозен, ниту пак да биде загрозена безбедноста на граѓаните.
Затоа, новите противпожарни возила, како и целокупната донација од нашите меѓународни поддржувачи, се од исклучителна важност, не само за екипираноста на беровската територијална противпожарна единица, и подружниците на ЈП “Национални шуми”, туку и за безбедноста на граѓаните во урбаните и руралните подрачја, за пожарникарите и за заштитата на животната средина “.
Во своето обраќање, Амбасадорот на Швајцарија во Република Северна Македонија – НЕ Sybille Suter Tejada, се осврна на значењето на Регионалниот План за унапредување на шумите во Малешевскиот регион, како развоен стратешки план, кој е подготвен со партиципативен пристап, со чија помош се воспоставува основа за одржливо управување со шумите и шумското земјиште во регионот, подготвен како една од повеќето пионерски активности на национално ниво, како и континуираната поддршка на Швајцарија во изминатиот период
„Швајцарија ја поддржува Северна Македонија во областа на заштита и зачувување на природата многу години. Во последните десет години, оваа поддршка се спроведува преку Програмата за зачувување на природата, со главен фокус на регионот Брегалница. Многу пионерски активности се започнати и спроведени во овој регион и постигнати се прекрасни резултати за кои сите сме многу горди“-истакна Sybille Suter Tejada.
Градоначаникот на општина Берово, Звонко Пекевски, го нагласи значењето на ефикасната противпожарна заштита за зачувувањето на шумите во регионот: „Особено радува фактот што со овој проект, се опремува Територијалната противпожарна единица со нова опрема и се унапредува работата за мониторинг и ефикасно справување со шумски пожари, што секако ќе придонесе за заштита и зачувување на шумите во регионот на Малешевијата. Во таа насока особено ќе ни биде од корист и употребата на современиот дрон за мониторинг и справување со шумските пожари, за што во рамки на проектот се обучени вработени од партнерските институции.“
Градоначалникот на општина Пехчево – Драган Тренчовски потенцираше дека соработката и мултисекторскиот пристап се неопходни за одржливо користење на природните ресурси и успешно спроведување на пилот регионалниот план за унапредување на шумите во Малешевијата.
„Овој план го усвоивме заеднички со Општина Берово, како стратешки документ, a неговата реализација во соработка со ЈП “Национални шуми”, ќе ни биде основа за еден поинаков пристап, во одржливото управување со шумите, кои за нас се многу важен ресурс. За прв пат, во плановите за нивно унапредување, се земаат во предвид сите функции на шумата, и се применува меѓуинституционална соработка во прилог на нашите определби за одржливо користење на природните ресурси”.
На настанот свое обраќање, имаше и заменик-директорот на ЈП Национални шуми г-ѓа Маре Басова, која го истакна значењето на меѓусебната соработка и координација на регионално ниво, меѓу надлежните инстируции за одржливо управување со шумите. Во таа насока од особена важност е процесот на заштита на природата.
„Кон крајот на 2020 година, со одлука на Владата на Република Северна Македонија, ЈП „Национални шуми“ беше назначено за управувач на Заштитениот предел „Осоговски Планини“, а активно сме вклучени и во иницијативата за прогласување на „Малешево“ за заштитено подрачје. Со ова, ЈП „Национални шуми“ ја покажува својата заложба за одржливо управување со шумите во нашата држава. Ваквите иницијативи имаат додадена вредност на работењето на претпријатието, кое слободно можеме да кажеме дека работи во партнерство со природата“ – додаде Басова.
На настанот учествуваа претставници на надлежните институции во Република Северна Македонија на национално и локално ниво, министерства, јавни претпријатија, кои имаа можност да се запознаат со комплетната опрема за мониторинг, превенција и брза интервенција во справувањето со шумски пожари, која ќе придонесе за зголемена ефикасност на општините Берово и Пехчево и подружниците на ЈП “Национални шуми” во справувањето со шумски пожари, и ќе ја подигне на едно повисоко ниво, противпожарна заштита во регионот на Малешевијата.
Настанот го организираа Општина Берово и Програмата за зачувување природата во Северна Македонија (ПЗП), координирана од Фармахем, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).