Млада и талентирана, разговор со Наталија Тасевска- ученик на генерација за учебната 2024/2025 година во ОСУ ,,Ацо Русковски” – Берово

,,Мал гест на поддршка, може да го промени текот на настаните во животот”, вака  Наталија Тасевска- ученик на генерација за учебната 2024/2025 година во ОСУ ,,Ацо Русковски” – Берово, го започна разговорот, на вчерашниот прием кај Градоначалникот на Општина Берово.

Во Општина Берово, таа донесе 50 -тина дипломи, сертификати и благодарници, од успесите кои ги постигнала во текот на своето средношколско образование, што ја потврдуваат нејзината посветеност кон учењето, трудот, знаењето и креативноста.

Две години по ред, таа е дел од стипендиската програма за талентирани средношколци “Таленти денес – лидери утре„ на Македонија 2025. Има учество и освоени награди на натпревари по Македонски јазик, информатика, хемија, бизнис и претприемништво, биологија а голем талент е и во уметноста и литературата. Нејзините ментори се поддржувачи, инспирација и мотив плус таа да напредува.

Како најголем предизвик во нејзиното средношколско образование таа ги посочи Државниот натпревар кој го оранизира Холандската амбасада, а на кој таа се натпреварувала со изготвено видео на тема ,,Спречување на корупцијата”, Интернационалниот натпревар по информатика и натпреварот по македонски јазик, од кој сеуште чека резултати, а ние ги издвојуваме следните достигнувања на Наталија, во учебната 2024/2025 година:

 

Прва награда на државниот натпревар „Месец на наука“ (астрономија) со сопствена демонстрација и макета на тема ,,Врската помеѓу Сонцето, Месечината и Земјата”

Втора награда на државниот натпревар по Информатичко размислување и пласман на интернационално ниво

Втора награда на државниот литературен конкурс на тема „Св. Климент Охридски“

Трета награда на меѓународниот конкурс „Детски Рацинови средби“

Успешно завршени 18 онлајн модули од програмата Girls Go Circular, со стекнати 18 сертификати

Учество во онлајн работилница на Goethe Institut на тема вештачка интелигенција и креација на дигитално уметничко дело

Посета на обука за зелени вештини и развој на бизнис концепти за зелени иновации во организација со поддршка на Македонија2025

Работа на сопствена веб-страница за претставување на нејзините уметнички дела

Активно учество во повеќе локални и државни иницијативи и натпревари, со признанија за лична и училишна заслуга.

На  ликовен конкурс на тема „Берово – мојот роден крај“, кој го распиша Општина Берово, исто така ја освои првата награда.

Неодамна од страна на Општина Берово и беше доделена парична награда од 5.000,00 денари за континуиран одличен успех во текот на школувањето а за ученик на генерација за улебната 2024/2025 година, на 23 Август, ќе и биде доделена парична награда во износ ос 15.000,00 денари.

И после сите достигнувања, можеме да кажеме, Наталија е доказ дека младите во Берово носат потенцијал, но и дека трудот и ведриот дух,  носат врвни резултати.

Своето школување планира да го продолжи на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство.

После нашата средба, Градоначалникот и тимот од Општина Берово останаа воодушевени од начинот на кој таа  разговара, од врвните успеси кои ги постигнала и од  остварените престижни награди.

Градоначалникот Пекевски и посака многу здравје и успех во иднина, да ги оствари сите свои замисли во  престојните академски денови, охрабрувајќи ја да продолжи со истото темпо, истакнувајќи дека е дете кое е гордост на Берово  и да имаме  среќа Берово да има повеќе личности како неа.

Сигурни сме дека каде и да оди, ќе продолжи да блеска, а Берово ќе се гордее што има такви деца.

Горе