Извонреден новогодишен концерт на КУД ,,Димитар Беровски” во Берово

Синоќа, во холот на ОСУ ,,Ацо Русковски” во Берово, имавме можност да го проследиме 20-тото издание на традиционалниот новогодишен концерт на КУД ,,Димитар Беровски” , при Домот на културата во Берово,,Димитар Беровски”.
Извонредни кореографии, проткаени низ традиционални фолклорни носии, ни покажаа членовите на КУД ,,Димитар Беровски”, раководени од етнокореографот Методи Скендерски, а ние уживавме во вредното, традиционално и фолклорно малешевско културно богатство, кое годинава го создаваа членовите на КУД ,,Димитар Беровски”.
На концертот настапија сите членови на културно уметничкото друштво, од 6 до 18 години.
Присутните ги поздрави Директорот на Домот на културата, Звонко Скендерски, кој накратко ги презентираше постигувањата на културно уметничкото друшто, во текот на оваа година.
Во нашето културно уметничко друштво, со децении наназад, се гради и презентира програмски репертоар, во кој многу членови го почуствувале духот на традицијата и уште од мали нозе ги научиле традиционалните малешевски ора, негувајќи ја народната култура и малешевскиот фолклор.
На сцената настапија членовите на детските фолклорни ансамбли, а имавме можност да уживаме и во професионално извежбаните кореографии на поголемите групи.
Вистински рај за очите, беше завршетокот на концертот, со кореографијата ,,Малешево сплет”, кој предизвика навистина убави чувства кај публиката и уште еднаш ја потврди успешноста на кореографот Скендерски, во неговата долгогодишна работа.
Дека традицијата и фолклорот се нераскинлив дел од современото живеење, синоќа, уште еднаш, ни покажаа, вредните уметници од КУД,,Димитар Беровски” од Берово, кои преку традиционалниот новогодишен концерт, ни го претставија годишното работење на ова друштво.
Горе