Веќе четири дена, Берово е центар на спортските случувања во истокот, каде во тек се игрите во мал фудбал, од ноќниот турнир ,,Малеш куп”, кој го организира општинскиот клуб ,,Малеш”, со поддршка од Општина Берово и локалните бизниси.
Спортските терени пред комплексот стара гимназија, деновиве се вистински рај за очите и душата и вистински предизвик да се потроши време повеќе, во духот на спортот и фудбалот, но и да се дружиме, забавуваме, да шириме позитивна енергија и да создадеме спомени за памтење.
Турнирот трае една недела, на истиот има пријавено 14 екипи од цела Македонија. Се игра во групен формат, две групи од по 4 екипи и 2 групи од по 3 екипи. Од утре, 30.06.2023 година, започува нокаут фазата (четврт финалето), во сабота ќе се одигра полуфиналето, а финалето на турнирот е во недела, кога се очекува возбудлива игра и многу забава.
Турнирот има голем награден фонд :
80.000,00 денари за прво место,
40.000,00 денари за второ местo,
30.000,00 денари за трето место,
а наградена со 10.000,00 денари ќе биде и четвртопласираната екипа.
Турнирот е добра прилика, младите да уживаат, низ спортски дух, да се дружат и забавуваат и да шират позитивна енергија. Публиката, секојдневно е играч повеќе, кој дава мотив, или е тест за емоциите, што не водат кон негување на позитивните вредности.
Секоја вечер, на едно место се обединуваат спортисти, новинари, граѓани и љубители на спортот, а младите се насочени кон здрав начин на живот, без пороци.
Дружењето преку спортот, е животна лекција, која не учи на дисциплина, одговорност, самодоверба, тимска работа и промоција на физичкото, менталното и социјалното здравје.
Повеќе од сигурно е дека турнирот во мал фудбал во Берово, означува почеток на нов традиционален настан во Берово, низ позитивна атмосфера, ведар дух, пријателска конкуренција и фер игра.