ОДРЖАНА ЧЕТВРТАТА МЕНТОРСКА СЕСИЈА ЗА ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ ВО РАМКИ НА ПРОГРАМАТА ReLOaD3

Во Салата на Советот на Општина Берово, денеска се одржа четвртата менторска сесија наменета за поддршка и зајакнување на капацитетите на граѓанските организации, во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 (ReLOaD3).

Главна тема на сесијата беше „План на активности (ЛОТ 1, 2 и 3), видливост и промоција“, при што учесниците имаа можност подетално да се запознаат со значењето на квалитетното планирање и структурирање на проектните активности, нивната меѓусебна поврзаност со поставените цели и очекуваните резултати.

Во текот на работната сесија, посебно внимание беше посветено на подготовката на реален, јасен и остварлив план на активности, дефинирањето на временската рамка за нивна реализација, како и правилното распределување на задачите и одговорностите во рамки на проектите. Преку менторската поддршка, претставниците на граѓанските организации имаа можност да ги доразвијат своите проектни идеи и да ги усогласат планираните активности со потребите на целните групи и приоритетите на локалната заедница.

Значаен дел од сесијата беше посветен и на видливоста и промоцијата на проектите, односно на начините преку кои граѓанските организации можат поефикасно да ги информираат граѓаните за своите активности, да ги презентираат постигнатите резултати и да ја зголемат јавната препознатливост и влијанието на иницијативите што ги спроведуваат. Беше истакната важноста на транспарентната комуникација, навременото информирање и активното вклучување на јавноста во проектните процеси.

Целта на овие менторски сесии е да им обезбедат на граѓанските организации практична и стручна поддршка во сите фази на подготовка на нивните предлог-проекти, со што ќе се придонесе кон создавање поквалитетни, одржливи и реално применливи проектни иницијативи, насочени кон решавање на потребите и предизвиците во локалната заедница.

Општина Берово, преку учеството во програмата ReLOaD3, продолжува да ја поттикнува соработката со граѓанскиот сектор, да создава услови за негово активно учество во локалниот развој и да ја унапредува партиципативната демократија, транспарентноста и партнерскиот однос помеѓу локалната самоуправа и граѓанските организации.

Горе