Општина Берово спроведува општа дератизација на канализациониот систем

Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/2014, 150/2015 и 37/2016), како и Програмата за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести за 2026 година на Општина Берово, денеска (08.06.2026 година) се спроведува општа дератизација на канализациониот систем на територијата на општината.

Активностите се реализираат од страна на стручни екипи на Центарот за јавно здравје – Куманово, согласно склучениот договор за спроведување на мерките за заштита на населението од заразни болести на подрачјето на Општина Берово.

Со дератизацијата ќе бидат опфатени градот Берово, населените места Русиново, Ратево, Владимирово, Смојмирово, Будинарци и Митрашинци, како и депонијата за комунален отпад и туристичката населба Беровско Езеро.

Третманот ќе се изврши со кумарински мамци во различни облици – парафински блокови, пелети и брикети, при што ќе бидат опфатени околу 300 шахти на територијата на општината.

Општина Берово и понатаму ќе продолжи со спроведување на превентивни мерки за заштита на здравјето на граѓаните и одржување на безбедна и здрава животна средина.

Горе