Во Берово е одржан настан за подигнување на јавната свест за значењето и заштитата на шумите

На 26 јули, на плоштадот ,, Димитар Беровски”,  во Берово се одржа едукативно-информативен настан под мотото:

„Огaнот не простува – а шумата е живот“, со цел подигнување на јавната свест за значењето и заштитата на шумите, како и за важноста од превенција и навремена реакција при шумски пожари.

Со настанот беше испратена јасна и силна порака:

„Обучени и опремени професионалци на терен ни требаат за гаснење, свесни граѓани и најмлади со вистински вредности ни требаат за одговорно живеење – но законски измени и системски решенија, се клучни за спречување на шумските пожари во иднина.“

Настанот се одржа токму додека на планината Готен беснееше повеќедневен пожар, кој опожари огромна шумска површина и се заканува да ги зафати блиските населени места. Тоа беше дополнителен повод да се испрати повик за мобилизација и заедничка акција – за поддршка во гаснењето, но и во спречување на понатамошно ширење на огнената стихија.

Настанот го отвори Дина Муцунска од Еко-зелено движење, Берово, која зборуваше за опасностите од пожарите, улогата на човечкиот фактор, илегалната сеча и итната потреба од пошумување. Нејзината порака беше недвосмислена: „Шумите се наш најголем сојузник во борбата со климатските промени. Малешевијата веќе трпи последици. Ако не делуваме сега – утре ќе биде доцна.“

 

Во знак на поддршка на настанот,  Градоначалникот Пекевски упати порка за важноста на солидарноста и локалната вклученост, потенцирајќи дека секој од нас може да биде дел од решението. Пожарите не прашуваат – тие бараат заеднички одговор.

 

Претставници од ТППЕ Берово ја пренесоа суровата реалност од теренот – борбата со огнот, ризикот, храброста, заморот…. Нивните зборови и искуства беа сведоштво кое никого не оставија рамнодушен.

Претставникот од Националното здружение на приватни шуми, Војо Соколовски, зборуваше со длабока загриженост: „Шумите не се само дрвја – тие се белите дробови на земјата, засолниште за животот, извор на вода, храна и воздух. Без нив – нема ништо.“

Доброволното противпожарно друштво од Пехчево ја сподели својата инспиративна приказна за основање, обука и дејствување. Нивниот пример служеше како повик до Берово – повторно да се активира локалното доброволно друштво, бидејќи: „Секој обучен и опремен човек е додатна сила на страната на шумата и животот, особено во руралните и планинските средини.“

Претставникот од Центарот за климатски промени, Бојана Станојевска Пецуровска , повика на конкретни и итни законски измени, со цел обезбедување системски решенија за одржлива заштита :

 

Забрана за сеча и стопанисување со дрва на опожарени подрачја

Забрана за трансформација на опожарено земјиште во градежно

Строги казни за подметнувачите на пожари

„Само вака ќе ставиме крај на пожарите подметнати од алчност – и ќе ја зачуваме природата за генерациите што доаѓаат.“

 

Во знак на сеќавање на настанот, но и како жив симбол на обврска кон природата, беше засадено дрво на плоштадот во Берово. Тоа дрво ќе расте заедно со пораката што ја оставивме – дека ова не е само еден ден, туку почеток на нова свест.

Присутните граѓани симболично се потпишаа на декларацијата „Јас не палам“, изразувајќи лична и јавна заложба за заедничкото добро, која ќе биде потсетник на колективната одговорност што ја носиме сите.

Посебен момент беше учеството на децата од градинката „23 Август“. Нивните цртежи, стихови и пораки беа гласни и јасни: „Шумата е живот. Не ја палете. Чувајте ја.“

 

За своето учество, секое дете доби сертификат и симболичен подарок – мало дрвце што ќе го засади со семејството, со мотото „Посади љубов, расти одговорност“.

Овие дрвца се семето на нашата иднина.

 

Настанот беше организиран од Еко-зелено движење – Берово и Центарот за климатски промени, со поддршка од:

Општина Берово

ТППЕ Берово

Подрачно одделение на ДЗС Берово

ЈП Национални шуми / Шумска полиција

НЗ Приватни шуми

ДПД Пехчево

Локалната градинка „23 Август“ – Берово

Настанот се реализираше во рамки на проектот: „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелена агенда за Западен Балкан на локално ниво“, финансиран преку програмата Цивика Мобилитас, со поддршка од Владата на Швајцарија.

Горе