Одбележуваме 24 години од смртта на загинатите бранители Зоран Бубевски, Никола Пехчевски, Љупчо Мирчовски и Димитар Двојаковски

На денешен ден, пред 24 години, имињата на Зоран Бубевски, Никола Пехчевски, Љупчо Мирчовски и Димитар Двојаковски, останаа запишани во македонската историја, како херои, кои го дадоа животот, за нешто поголемо од себе.
Зоран Бубевски, Никола Пехчевски, Љупчо Мирчовски и Димитар Двојаковски, застанаа во редот со Дедо Иљо Малешевски, Димитар Поп- Ѓеорѓиев Беровски, Никола Петров Русински, Леонид Пецовски, Ацо Русковски и многу други херои и се вградија во континуитет на изградбата на независна македонска држава, чувајќи го вечниот оган, кој ние Беровчани, нивните сограѓани, никогаш нема да дозволиме да избледи.
Не постои поголема вредност, поголема доблест, од тоа, да се стави сопствениот живот на браникот на татковината, акт длабоко вткаен во опстојувањето на една држава.
Денеска, во Берово, се одбележуваат 24 години од смртта на загинатите бранители, кои загинаа во воениот конфликт 2001 година и 4 години од подигање на спомен обележјето, кое во нивна чест го подигна Општина Берово, а кое беше откриено со висока почит, кон семејствата на загинатите бранители. Истото, е подигнато на иницијатива на претставници од Батаљон за врски Скопје, единицата која го чествува споменот на Зоран Бубевски, а автор  е г-дин Кирил Мукаетов од Кавадарци .
Делегации од Единиците на загинатите Бранители, од Општина Берово, почитуваните и ценети семејства на загинатите бранители, ОВР Берово, Организација на резервни офицери Берово- Пехчево, Здружение на пензионери и политичките партии, положија свежо цвеќе на спомен обележјето, кое што засекогаш ќе ги избриша од заборав, ликовите на загинатите бранители.
Пред присутните беше прочитан краток реферат за нивниот живот и дело и со едноминутно молчење, беше оддадена почит.
Во знак на голема почит кон загинатите бранители, во Берово, се преименувани имињата на 4 улици, во нивна чест и тие ќе останат да сведочат за нивната жртва.
Вечна им слава на загинатите бранители  Зоран Бубевски, Никола Пехчевски, Љупчо Мирчовски и Димитар Двојаковски  и вечен спомен!
Горе