Во организација на Општина Берово, со поддршка од Министерството за култура, во петокот, имавме можност да проследиме пригоден концерт, на барокона музика со соло клавирчембало, во изведба на нашата сограѓанка, професорка по пијано и чембало и хорски диригент, Цветанка Созовска.
Уживавме со композициите од познати композитори Јохан Себастијан Бах, холандскиот композитор Бруненмулер, Форкере, нашиот реномиран композитор Томислав Зографски, преку звуците на главниот клавишен инструмент, чембало, кој пред доаѓањето на пијаното, ја владее музичката сцена, цели три века, од шеснаесеттиот до деветнаесеттиот век.
Цветанка Созовска го започнува своето образование по пијано на седумгодишна возраст. Во 1996 година дипломира во класата на рускиот пијанист и органист Борис Романов, со највисоки оценки (просечна оценка: 10) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во нејзиниот роден град Скопје. Последователно, таа е избрана за Најдобар студент на Универзитетот, во периодот помеѓу 1985-1996 година.
Нејзината понатамошна специјализација на полето на барокната музика, ја води во Хаг, Холандија, каде што ги заокружува додипломските и постдипломските студии по чембало во класата на холандскиот чембалист и фортепијанист Жак Ох на Кралскиот Конзерваториум.
Цветанка е дел и од барокниот ансамбл „Театро ала мода“, специјализиран за рана камерна музика, во кој членуваат врвни музичари.
Во 2021 година ансамблот гостуваше и во официјалната програма на Охридско лето во Македонија. Заедно со повеќе реномирани холандски чембалисти, Цветанка е почестена да биде дел од ЦД проектот “Холандска чембалска школа”, кое е всушност омаж кон врвниот и светски признат холандски чембалист Густав Леонхард.
Цветанка моментално живее и работи во Хаг, Холандија како изведувач, професор по пијано и чембало и хорски диригент.
Низ годините има можност својата едукативна, уметничко-презентерска и музичка дејност да ја прикаже во земјава и во странство, но се надеваме дека сепак најдрагоценото, најубавото чувство е настапот дома.
Музиката ги обединува сите квалитети: може да не величи, да не оддалечи, развесели или да го скрши најтврдото во нашите срца, со најнежното од своите меланхолични тонови. Но, нејзината примарна задача е да ги води нашите мисли кон возвишени нешта, да не воздигне, па дури и да не растрепери… Таа не спојува и зближува, а звуците на Цветанка Созовска, оваа вечер, допираа до секој од нас, будејќи најразлични емоции.
Покажувајќи дека одлично ги владее и највисоките тонови, Цветанка Созовска, вечерва во прекрасно светло се претстави во Берово.
Благодарност до ОСУ ,,Ацо Русковски”, Дом за стари лица- Берово, МВР Берово ТППЕ Берово, кој дадоа несебична поддршка за организација на настанот.