Промовирана новата туристичка понуда за активен туризам ,,Малешевија-твојот дом на планина”

Едукативниот Центар за зачувување на природата во пехчевското село Негрево беше локацијата на која денес беше претставена новата туристичка понуда за активен туризам „Малешевија – твојот дом на планина“.
Настанот го отвори Марјана Шушлевска, тим лидер на Програмата за зачувување на природата, а говореше Амбасадорот на Швајцарија во Република Северна Македонија, Сибил Сутер Техада, која истакна дека за прв пат во државата, во рамките на Програмата за зачувување на природата, развиен е пилот регионален план за развој на шумите за Малешевскиот регион, преку целосно партиципативна постапка, вклучувајќи ги сите засегнати страни, на локално и централно ниво.
-Еден од приоритетите во овој план беше да се создадат услови за развој на планински авантуристички туризам, преку воспоставување на унифициран мрежен систем на пешачки и велосипедски патеки со вкупна должина од 230 км. Оваа прилично голема работа ја заврши Mountain Experience, тур-оператор специјализиран за авантуристички туризам, рече Сутер Техада.
Изрази надеж дека ваквите иницијативи ќе создадат интерес кај локалното население, туристичките оператори и агенциите и во другите региони во земјата.
Швајцарија, како што дополни амбасадорката исто така, го поддржува создавање нови производи за авантуристички туризам во Северна Македонија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост, а препознавајќи го високиот потенцијал на Малешевскиот регион за развој на одржлив и пријателски природен туризам.
Преку Програмата обезбедени се е-велосипеди, ски опрема за зимски спортови и безбедносна опрема што ќе се користи од страна на туристите.
Градоначалникот Пекевски истакна дека без сомнение Малешевскиот регион претставува една природна целина која се истакнува со своето природно и културно богатство.
-Особено радува фактот што со овој проект, целиот регион е опфатен со обележени пешачки и вело патеки, со стандардна класификација, кои патеки ќе значат многу за промовирање на туризмот во Малешевскиот регион, во развојот на планинскиот и велосипедскиот туризам и во локалниот економски развој воопшто, рече Пекевски.
Дополнително, нагласи дека проектот „Истражување на биодиверзитетот на Малешевијата, со мапирање на ретки и ендемични видови на растенија, животни и живеалишта, како и прогласувањето на заштитеното подрачје ,,Малешево” ќе биде од големо значење за регионот, со што ќе се заштити постоечкиот биодиверзитет, а успешната туристичка приказна ќе биде надополнета со дополнителни благодати, кои ќе го красат регионот.
-Токму поради ова, влегувањето во Европскиот појас на заштитени подрачја, ќе ни овозможи полесно искористување на европските фондови за таа намена и приклучување кон современите трендови за заштита на животна средина, додаде Пекевски.
За градоначалникот на општина Пехчево – Драган Тренчовски одржливиот развој и користењето на природните ресурси на начин кој нема да ја загрози природата и здравјето на луѓето, е определба на општината, а туризмот е еден од столбовите за развој на регионот поради што општина Пехчево во изминатиот период активно работи на подобрување на условите за инвестирање во туристички капацитети и содржини, како и на зголемување на атрактивноста и промоција на туристичките потенцијали.
На настанот учествуваа претставници на дипломатските претставништва во Република Северна Македонија, министерства, јавни претпријатија, агенции, тур оператори кои преку организираната планинарска и велосипедска тура имаа можност одблиску да ги видат и да се запознаат со природните убавини и туристичкиот потенцијали на Малешевијата. Настанот е органозоран во рамките на Програмата за зачувување природата во Северна Македонија.
Горе