ОТЧЕТ ЗА 100 ДЕНА ОД МАНДАТОТ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕТАР РУЖИНСКИ

СО ПОСВЕТЕНА РАБОТА, КОН НОВИ УСПЕСИ ЗА БЕРОВО!

Почитувани сограѓани,

Во првите 100 дена,  од преземањето на функцијата градоначалник на Општина Берово, фокусот на работењето во општината,  беше ставен на одговорно управување со ресурсите и создавање предуслови за долгорочен развој. Овој период беше искористен за согледување на реалната состојба, иницирање конкретни активности и поставување јасна визија за идните чекори и реализација на идните развојни политики.

Паралелно, беа преземени конкретни чекори за реализација на значајни инфраструктурни проекти, при што по одобрените средства, во рамки на вториот повик на Владата, за финансирање на инфраструктурни проекти од областа на културата, во тек е постапка за јавна набавка  за изградба на Мултифункционална сала, во склоп на Дом на културата ,,Димитар Беровски”, чија реализација, ќе започне наскоро, а која очекувам да донесе социјални и културни придобивки, економски придобивки, развој на туризамот, образовни придобивки, како и поттикнување на долгорочен развој и инфраструктурно унапредување во централното градско подрачје.

Во  село Ратево, се гради дел од  улица „Гоце Делчев“, а во скоро време ќе започне и изградба на останатиот дел од улицата заштитен со потпорен ѕид, со цел да се обезбеди целосна функционалност, безбедност и стабилност на улицата.

Заради подобра безбедност на пешаците, на улица ,,Задарска” се градат тротоари преку обезбедени средства од Министерство за транспорт.

Во тек е оглас за доделување на договор за јавна набавка за изградба на колско пешачка улица, крак од ул.,,Мирче Ацев”.

Во рамки на Програмата за улично осветлување,   обновено е  уличното осветлување во населените места со што значително се подобрува безбедноста, а село Будинарци е целосно реконструирано осветлувањето во центарот на селото.

Проектна подготвеност и инфраструктурен развој

Веднаш по преземањето на мандатот, пристапивме кон иницирање на неопходните постапки за реализација на капитални проекти. Беше распишана тендерска постапка, за проектирање по кој се очекува да биде склучен договор. Во наредниот период ќе следи изработка на проектна документација, по што ќе бидат распишани јавни набавки за изведба на капитални проекти.  Со почетокот на градежната сезона,  очекувам да бидат целосно завршени постапките за јавни набавки, по што ќе се пристапи кон реализација на значителен број инфраструктурни проекти, од различни области, во согласност со утврдените приоритети на општината. Со ваквиот пристап, општината обезбедува законска, транспарентна и професионална подготовка на секој проект. Исто така, во консултација со граѓаните, извршено е мапирање на приоритетни инфраструктурни потреби (улици, водовод, канализација) и голем број проекти, се ставени во програмите за реализација во 2026 година.

Одговорно планирање и транспарентен пристап

Во тек се интензивни контакти и координација за повеќе проекти,  кои се дел од мојата програма. Сепак, водени од принципите на реалност, отчетност и одговорно управување, истите во оваа фаза нема да ги најавам, се додека не биде целосно обезбедена и потврдена конечната финансиска конструкција, за нивна реализација. Овој пристап има за цел, да се избегнат нереални ветувања и да се задржи довербата на граѓаните.

Управување и комуникација со граѓаните

 

Извршена е Анализа и согледување на финансиската состојба на општината, преглед на затекнатите договори и обврски. Остварени се средби со граѓани, месни заедници и локални заедници, организирани се форуми во заедницата, каде што, граѓаните дирекно одлучија, за приоритетите за реализација на општината, во 2026 година и каде што е воспоставен отворен дијалог, преку  механизми за директна комуникација.

 

Развој и проекти

 

Работиме на подготовка за аплицирање за проекти, до национални и меѓународни фондови, јакнење на развојните потенцијали (туризам и локална економија) и поставување основа, за стратешки развојни документи и политики.

 

 Социјална политика и образование

 

Во рамки на Програмите за образование и социјална заштита, исплатени се повеќе видови на финанскиска поддршка, за првенец на генерација, млади лица за возачка дозвола, семејства со новороденче, студенти и  лица со попреченост, со цел олеснување на секојдневниот живот на граѓаните. Остварени се средби со раководствата на институциите, со цел идентификување на приоритети во образованието и социјалната заштита и соодветен пристап, во унапредување на состојбите на локално ниво. Работиме и на обезбедување на детски реквизити во населените места, со цел создавање безбедни и пријатни услови за игра и развој на децата, поттикнување на социјализација и унапредување на квалитетот на нивното секојдневие.

Животна средина

Во рамки на спроведувањето на активности, насочени кон заштита на животната средина, унапредување на чистотата и системот за управување со отпад, како и подигање на јавната свест за еколошките прашања, беше извршено целосно чистење на депонијата за градежен шут и започна имплементацијата на пилот-проектот,  за модерно управување со отпад, во Источниот и Североисточниот регион.

Култура

Во насока на збогатување на културниот живот и зајакнување на заедништвото, општината во партнерска соработка со локалните бизниси,  реализираше повеќе културни и јавни настани, со што се придонесе и за поголема афирмација на локалните вредности. Паралелно, беше реализирано украсување на градот, со што се подобри визуелниот изглед и се создаде попријатна и достоинствена новогодишна атмосфера, за граѓаните и посетителите.

Исто така, општината обезбеди проектна документација за реконструкција на кровната конструкција на домот во село Будинарци и очекувам во најскоро време да се пристапи кон распишување на јавна набавка и реализација на истата.

Туризам

Туризмот е една од нашите клучни стратешки гранки за развој и токму затоа вложуваме во модерни, одржливи и иновативни решенија. Берово доби нова дигитална димензија преку новата веб-платформа Visit Berovo, која претставува значаен чекор напред, во промоцијата на туристичкиот потенцијал на општината.

Комуникација, партнерства и институционална соработка

На  почетокот на мојот мандат,  воспоставени се отворени и конструктивни канали на комуникација со Владата, државни институции, јавни претпријатија, приватниот сектор и граѓаните, со јасна цел – градење партнерства и креирање одржливи решенија за развој на општина Берово.

Почитувани мои сограѓани,

 

Првите 100 дена од првземањето на функцијата Градоначалник на Општина Берово, ги сметам за темел на еден одговорен, транспарентен и работен мандат.

Избравме  системски пристап, реални планови и јасни чекори. Моја обврска и понатаму, ќе биде  пред се,  да работам чесно, одговорно и во интерес на граѓаните, со цел постепено, но сигурно, да ја движиме нашата општина напред.

Во овој период  ја создадовме  основата, за идни позитивни придобивки и поквалитетен живот на граѓаните на Општина Берово.

Благодарност до општинската администрација, до советниците при Советот на Општина Берово и до сите, кои преку посветена работа, дадоа свој придонес, во работата на Општина Берово.

Со посветена работа и партнерство, гледаме напред кон новите успеси за Берово!

Градоначалник на Општина Берово

ПЕТАР РУЖИНСКИ

Горе