Денеска, во просториите на Општина Берово, се одржа работна средба на градоначалникот Звонко Пекевски и Министерот задолжен за дијаспората Џемаил Чупи, на која двајцата потпишаа договор за соработка , која предвидува отворање на ,,Центар за дијаспора” во Општина Берово.
На потпишувањето на договорот присуствуваа лица од Агенција за катастар на недвижности, ЈУМеѓуопштински центар за социјална работа, Агенција за вработување, ОВР Берово, Фонд за здравствено осигурување и Управата за водење на матични книги.
Потпишаниот договор, ќе овозможи отворање на Центар за дијаспора во Берово, проект, кој во иднина ќе ја зајакне соработката со дијаспората, а за тоа како се предвидува да се работи преку овој центар и какви можности ќе создаде тој, појасни министерот Чупи, кој меѓу другото истакна дека овој центар ќе служи за доброто на нашата дијаспора во иднина.
Центарот за дијаспора ќе има посредничка улога и ќе биде линк, меѓу граѓаните од дијаспората и општината, преку кој тие ќе имаат полесен пристап до информациите кои им се потребни.
Целта на овој центар, е иницирање соработка на локални организации, со организации од дијаспората, за реализација на заеднички проекти, поттикнување на соработка во областа на туризмот, преку промотивни активности во туризмот, евиденција на дипломирани студенти од локалната дијаспора, промоција на програми за мобилност на млади, поттикнување и промовирање збратимување на градови со општини во странство, каде што живеат Македонци, препознавање на можности за реализација на проекти, со јавно приватно партнерство и други видови соработка.
Градоначалникот Пекевски изрази задоволство , за како што рече новиот почеток за соработка со дијаспората, преку кој ќе се создаваат трајни врски со нашите во странство и изрази надеж дека оваа соработка ќе вроди со плод, за добробит на дијаспората, но и на жителите на Општина Берово.
Преку потпишување на овој договор, општината се обврзува да ги обезбеди сите неопходни услови, за да може непречено да функционира ,,Центарот на дијаспората” во Берово.