Вчера, Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) ја објави втората група од новите партнер- општини на Проектот за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите. Дваесет и четири општини, помеѓу кои и Берово, потпишаа Меморандум за соработка и се обврзаа за подобрување на квалитетот на даночните системи, зајакнување на оперативниот капацитет на даночната администрација и подобрување на способностите на локалните власти за планирање, управување и спроведување на јавните средства. Покрај тоа, настанот опфати презентации за Извештајот за клучните предизвици и препораки за подобрување на процесот на буџетирање и Извештајот за меѓувладините капитални трансфери до единиците на локалната самоуправа.
Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз истакна: “Како ваш стратешки
партнер, владата на САД продолжува да ги поддржува напорите за попросперитетна и стабилна демократија цврсто вградена во евроатлантските институции. Со нашата соработка ги унапредуваме реформите за децентрализација, добро владеење, владеење на правото и антикорупција, неопходни за да се постигне интеграција и да се подобри животот на граѓаните на Северна Македонија. Критичен аспект на реформскиот процес е создавањето ефикасни и ефективни владини институции, и на локално и на национално ниво. Ова го вклучува зголемениот локален капацитет за собирање и самостојно управување со ресурсите за да се обезбедат подобри услуги за граѓаните“.
Проектот на УСАИД за Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите е петгодишен проект (2021-2026) кој им помага на владините институции во Северна Македонија да ги обезбедат и самостојно да управуваат со ресурсите потребни за финансирање на услугите што ги бараат нејзините граѓани. За да ја постигне оваа цел, Проектот тесно соработува со Министерството за финансии и Министерството за локална самоуправа и е во координација со другите донатори и ЗЕЛС.
За да дознаете повеќе за Проектот на УСАИД за Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите посетете го линкот на Фејсбук: https://www.facebook.com/SRMANorthMacedonia