Низ многу емоции и тага, денеска во Берово, е пуштена во употреба, новоизградената улица ,,Жан Кофол”, именувана по прерано загинатиот пожарникар од Словенија, кој загина веднаш по враќањето во родното место, после доброволниот придонес во Берово и Малешевијата во гаснење на пожарите кои избувнаа во август 2021 година.
На самата свеченост, на пуштање во употреба на улицата, присуствуваа родителите и роднини на Кофол и припадник на доброволното противпожарно друштво од Словенија, кој заедно со Кофол, учествуваше во гаснење на пожарите, советниците од Советот на општина Берово, пожарникари од ТППЕ Берово и граѓани.
Жан Кофол ќе остане вечно запаметен во Берово и Малешевијата, не само со именување на улицата, туку и по неговата храброст и пожртвуваност и по неговиот доброволен придонес во гаснењето на пожарите кои избувнаа во август 2021 година. Тој ќе живее во нашите срца. Нека биде спокоен и благословен во вечноста- истакна Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, кој заедно со родителите на Кофол, ја пушти во употреба улицата, спуштајќи го платното на кое беше напишано ,,Улица на пријателство” .
Во чест на постхумно одликување, кон ликот и делото на Жан Кофол, на средбата со родителите, која претходеше, Градоначалникот Пекевски им додели слика, со ликот на прерано загинатиот пожарникар, испреплетена со мотиви од Берово.
Родителите на Кофол упатија благодарност до Градоначалникот, за преубавиот гест, кој го направи, преку кој името на нивнит син, вечно ќе стои на улицата во Берово и секако до сите, кои на некој начин допринесоа улицата да биде преименувана. Навистина сме пријатно изненадени и нашите чувства за сето она што е направено се неопишливи, голема благодарност за се. Сакаме да потенцираме дека тој донесе само пријатни моменти од Берово и од Малешевијата, особено беше изненаден од гостопримливоста на луѓето тука – додадоа од семејството на Кофол.
Жан Кофол беше во нашата противпожарна куќа, нашето против пожарна друштво уште од млади години, каде последните две години беше претседател на младинската комисија која врши дејности во соработка со учениците кои доаѓаат во посета на нашата противпожарна куќа- истакна Dani Boltar,член на противпожарното друштво од Словенија.
На пуштањето на улицата, Пекевски се заблагодари на Советниците при советот на општина Берово, за поддршката која ја дадоа за преименување на улицата и до општинската администрација, која работеше, за да може благовремено, административно, улицата да биде преименувана.
Инаку, Жан Кофол го загуби животот во сообраќајна несреќа, во близина на Нова Горица, на 28 септември, еден ден по неговиот 20-ти роденден и само еден месец по враќањето од добровболната мисија во Малешевијата, каде што беше меѓу најмладите доброволци, кои пристигнаа од Словенија и со денови учествуваше во гаснењето на пожарите. Тој бил претседател на здружение на младинската комисија која врши дејности во соработка со учениците кои оделе во посета на противпожарните друштва.
Нека биде спокоен и благословен во вечноста!