Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денес оствари работна посета на Општина Берово, каде што заедно со Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, изврши увид на реконструираниот регионален пат Берово – Владимирово.
Реконструкцијата е во должина од 5,5 км, а инвестицијата е вредна 45 милиони денари, обезбедни преку буџетот на Министерството за транспорт и врски.
Како што истакна Бочварски, соработката помеѓу централната и локалната власт е на одлично ниво, што според него се должи на заедничката работа на големиот број проекти за развој на Малешевскиот регион.
-Драго ми е што сум денес со граѓаните на Владимирово, со членови на здружението Илинденски Средби и токму поради тоа што решивме еден од најгорливите проблеми и прашања кои се наметнуваше во минатото тоа е рехабилитација на регионалниот пат од Берово до Владимирово. Сметам дека направивме добар проект добро дело за граѓаните. Мислам дека со ваквите проекти даваме сериозен придонес во тоа да ги задржиме граѓаните во своите родни места, да ги задржиме во своите огништа, а со цел секако да придонесеме и за подобра инфраструктура, подобро поврзување, побезбедно движење на жителите, рече Бочварски.
Реконструкцијата на патот беше завршена пред Илинден, а како што додаде министерот остануваат уште неколку операции да се завршат во дел на поставување на банкините, поставување на сообраќајните знаци со што реконструкцијата целосно ќе биде завршена.
-Се надевам дека со оваа инвестиција од преку 45 милиони денари реализиравме многу значаен проект, а по тоа што го видов и разговарав со граѓаните сме инвестирале во право нешто во вистинско време. Јас со градоначалникот сум се среќавал многу пати, но се сеќавам дека пред 5,6 години кога дискутиравме имавме цела листа на инфраструктурни прашања и проблеми кои што не беа решени, денеска најголем дел од тие прашања веќе се решени и продолжуваме и понатаму да ги решаваме отворените предизвици кои се пред нас. Нека е со среќа и за добро да се користи овој регионален пат, да помогнеме за подобро поврзување и подобар живот за граѓаните, додаде Бочварски.
Градоначалникот Пекевски, изрази благодарност за поддршката што министерството ја дава на Општина Берово, со цел жителите да имаат подобра сообраќајна комуникација, олеснета патна инфраструкура и подобар квалитет на живот.
Претходно во развор со претставник на здружението на Владимирски Илинденски Средби, Бочварски посочи дека Министерството за транспорт и врски посветено и активно работи на реконструкција и модернизација на целокупната патна инфраструктура во државата и во летните месеци, со почитување на пропишаните мерки за работа на отворено, работејки на обезбедување поквалитетни патишта за граѓаните.
Потенцираше дека е многу важно патиштата непречено да се градат, целокупно капиталните проекти да продолжат да се реализираат, бидејќи како што рече преку градежништвото се одржува во кондиција националната економија и се создаваат поквалитетни услови за живот во сите општини низ државата. За Источниот регион потсети дека завршена е реконструкцијата на патните правци кон Струмица и Виница, рехабилитацијата на патниот правец од Берово кон ГП Клепало, изградбата на фекалната канализација во туристичката населба на Беровското Езеро и изградбата на водоснабдителниот систем во Ратево каде ќе се реконструира и улицата Илинденска.