Донесена одлука за преименување на улица ,,20” во улица ,,Жан Кофол”

На 11 Седница на Совет на Општина Берово, која се одржа на 30.03.2022 година, советниците во Советот на општина Берово, едногласно донесоа одлука  за преименување на улица ,,20”  во Берово, во улица ,,Жан Кофол” .

Иницијативата, за преименување на улицата, пред советот беше поднесена од страна на Градоначалникот на Општина Берово, во знак на постхумно одликување, по името на хуманиот  херој, Жан Кофол,  кој загина во сообраќајна несреќа, а кој даде свој придонес во гаснењето на пожарите кои беснееја во Малешевијата.

Искажувањето на постхумно признание и благодарност за поддршката што ја даде Кофол за Берово и  Малешевијата е наша обврска и сметам дека  истото ќе значи за семејството на прерано загинатиот пожарникар. Општината е должна да искаже почит, на оние кои навистина ја заслужиле, а Кофол тоа вистински го заслужи непосредно пред неговата смрт- истакна Градоначалникот на општина Берово, додавајќи дека на тој начин неговото име вечно ќе остане запишано и запаметено во Берово.

По донесувањето на Одлуката од страна на Советот на Општина Берово истата е доставена до Централниот регистар на Република Северна Македонија, за да се изврши упис на податоците во електронскиот регистар, во законски утврдениот рок.

Промената на името на улицата е извршено согласно Закон за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти.

Инаку, Жан Кофол го загуби животот во сообраќајна несреќа во близината на Нова Горица,  на 28 септември, еден ден пред неговиот 20-ти роденден, после само еден месец од доброволното учество во справување со пожарите, кои беснееја во Малешевијата.

Кофол беше меѓу најмладите доброволци кои пристигнаа од Словенија и со денови учествуваше во гасењето на огнената стихија во околината на Берово и Пехчево.

Горе