Делегација од општина Берово, присуствува на Економски форум во Прага

Во рамки на Чешкото претседателство со Советот на  ЕУ, градоначалникот на Општина Берово Звонко Пекевски и раководителот на Одделението за ЛЕР, Ѓорѓи Пеовски, присуствуваат на тридневниот Економски форум ,,Паметни градови во рамки на ЕУ – Западен Балкан”, што се одржува од 16 до 18 ноември во Прага, Република Чешка.

Саемот е  посветен на трансфер на знаење, меѓу експертите на институционално и деловно ниво, со фокус на повеќе теми, поврзани со одржливиот и паметен урбан развој.

Делегации од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, составени од претставници од избрани општини,  имаат можност, да посетат релевантни примери на технички решенија, во градовите низ Чешка, да разменат и да споделат искуства.

Економскиот форум за паметни градови, има за цел да ги собере претставниците и експертите од ЕУ и од Западен Балкан, за да разговараат за можностите за проширување на економската соработка и унапредување на процесите на интеграција.

Настанот е организиран од страна на  Министерството за индустрија и трговија на Република Чешка и другите партнери учесници: Европската комисија, Министерството за надворешни работи на  Република Чешка, Министерството за регионален развој на Република Чешка, Пактот на градоначалниците на ЕУ, Чешката трговија и Чекинвест.

Република Чешка ги поддржува напорите за интеграција на земјите од Западен Балкан, повеќе од една деценија и ја одразува континуираната поддршка, давајќи им приоритет на односите со ЕУ.

Горе