Четвртоодделенците од ООУ ,,Дедо Иљо Малешевски” од Берово, во посета на општината

Денеска, учениците од четврто одделение од ООУ ,,Дедо Иљо Малешевски” од Берово, ја посетија општината, каде што беа пречекани од градоначалникот и општинските службеници.

Целта на посетата е децата одблиску да се запознаат со работата на локалната самоуправа и со улогата на градоначалникот во општината.

Преку интересна и прилагодена презентација, учениците дознаа како општината се грижи за своите граѓани – од уредувањето на улиците, парковите и училиштата, до поддршката на културни и спортски активности. Презентацијата беше збогатена со фотографии, кои на децата им помогнаа полесно да разберат, како секојдневно се спроведуваат различни проекти и активности во корист на заедницата.

Градоначалникот им посака добредојде на младите гости, им објасни колку е важно сите да придонесуваме за нашата општина и ги охрабри учениците да растат во одговорни, активни и љубопитни граѓани и еден ден некој од нив да биде градоначалник на општината.

На крајот од посетата, сите ученици добија пригодни подароци, како спомен од оваа едукативна средба, во рамки на наставниот предмет општество.

Видовме среќни и насмеани лица, а се надеваме дека учениците сега се  побогати со нови знаења за својата општина, со убави впечатоци и желба повторно да бидат наши ценети гости.

Градоначалникот изрази благодарност до наставничките за нивниот труд и посветеност, како и за иницијативата, наставните содржини практично да им ги приближат на учениците преку оваа посета.

Горе