Берово го празнува 23 август, Денот на ослободувањето на градот

Со положување на свежо цвеќе, на споменикот на паднатите борци во НОВ, во близина на ОЈУДГ „23 Август“ во Берово и краток осврт за делото на паднатите борци, денеска, во Берово започна празнувањето на 23 август, Денот на ослободувањето на Берово.
Делегации од политичкиот и јавниот живот, положија цвеќе и се поклонија пред спомен плочата, во знак на висока почит кон нашите херои и борци, кои ни ја подарија најголемата вредност- слободата, која што денеска ја имаме благодарение на храброста, непокорот и вербата во иднината.
Одбележувањето на денот, продолжи со традиционалната свечена Седница на Советот на општина Берово, која ја водеше Претседателот на Совет на Општина Берово, Петар Ружински.
Градоначалникот Пекевки, се обрати пред присутните со зборови исполнети со блаодарност, гордост и искрени емоции, упатувајќи благодарност до сите жители на Општина Берово, за довербата, трпението, за поддршката и за задничкиот дух, кој не држеше заедно и во добри и во тешки времиња, овие осум години.
На свечената седница беше пуштена видео презентација, со инсерти за сработеното во изминатата година.
Доделивме благодарници и плакети на поединци, кои допринесуваат кон континуиран раст и развој на општина Берово, а беа доделени решенија за парични награди и пофалници на учениците кои се прогласени за Ученик на генерација од основните и средното училиште во Општина Берово.
Во чест на денот, на општина Берово, 23 август, имавме можност да уживаме во маестрално изведените музички дела, на канон, еден од најстарите инструменти на Балканот, со посебна структура и убавина и со малешевски мотиви од страна на нашиот сограѓанин Тимко Чичаковски, со неговиот придружен вокал Ленче Димовска.
Низ многу емиции, со длабока почит и неизмерна благодарност, на Свечената седница на Советот на Општина Берово, оддадовме постхумно признание и плакета на Љупчо Дучевски, за особен придонес и создавање трајни вредности во зачувување на културата и традицијата во Малешевијата.
Неговиот живот и дело остануваат вечен инспиративен пример за сите нас, а во негова чест имавме можност да бидеме сведоци на премиерното издание на неговата песна ,,Да ти купа мека махмудија”- изворна малешевска песна, која низ годините наназад живеела преку гласот на Љупчо Дучевски, а сега, зборувајќи на јазикот на новото време, доби ново, современо руво и беше преработена од страна на нашата Ангела Здравковска во соработка со Диран Тавитјан.
Ова е втора песна од проектот на Ангела, за зачувување и оживување на малешевската изворна музика- за нашиот крај и за сите кои веруваат дека традицијата може да живее и во нови облици.
Оддадовме заедничка почит и го прославивме празникот на нашата општина, низ култура и благодарност кон оние кои оставиле неизбришлив белег во неа.
Честит празник Берово, низ просперитет, единство и успеси.
Горе