Во Берово промовирана поедноставената процедура за поставување на фотоволтаици

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, денеска оствари работна посета на општина Берово, каде заедно со градоначалникот Звонко Пекевски  и Претседателот на Совет на Општина Берово, пред присутните граѓани ги претставија поедноставените постапки за поставување на фотонапонски електроцентрали.

Целта, како што истакна министерот Бочварски, е општините да почнат со најлесна постапка, да постават фотонапонски електроцентрали на своите кровови, на своите објекти, со што ќе придонесат за намалување на сметките за електрична енергија, а од друга страна ќе помогнат на целиот енергетски систем во државата.

-Оваа постапка веќе е усвоена и драго ми е што веќе граѓаните ја препознаваат и аплицираат во општините, за поставување на фотоволтаици по новата процедура. Тоа е најкратка постапка, со која што имаме доставување, само на проект со архитектура и електрика фаза во општината и само информација или известување до општината, за тоа дека тоа правно или физичко лице ќе постави фотонапонска електроцентрала на својот објект. Притоа нема да чекаат, било какви процедури и постапки во општините, за добивање решение за поставување на ваков тип на објекти, на своите кровови и да може веднаш од наредниот ден да почнат со поставување на ваков тип објекти на своите кровови, рече Бочварски.

Иако досега, како што посочи министерот за процедурата се чекало по 30 дена за да се изготви едно вакво решение, од страна на локалните самоуправи, денеска за тоа е потребно само еден ден, преку информирање на општината, со доставување на скратена процедура, на скратен основен проект, за поставување на ваков тип на објекти.

-Ова е начинот, како ќе помогнеме на граѓаните, во оваа енергетска криза и ова е навистина придобивка за сите и заради тоа сме овде и ќе бидеме на терен и во другите општини, што е можно повеќе да го презентираме овој модел, за оваа постапка за да граѓаните во поголем обем да почнат со поставување на фотоволтаици.

Уште еден аспект е аспектот на загадувањето, дека ова е најеколошки исправен начин на производство на електрична енергија и верувам дека ќе биде од корист на сите, додаде Бочварски.

Постапката се однесува за поставување на фотонапонски електроцентрали на кров, на објектите за физички и на правни лица, за физички лица или домаќинства, до 6 kw поставувањето е без никакви одобренија и за правни лица до 40 kw, со што според министерот, се решава ова прашање, на најбрз можен начин, за граѓаните,  во текот на оваа зима, да можат да инсталираат вакви објекти на своите кровови.

 

-Во однос на поставувањето на електро централи на земјиште останува постапката со изготвување на урбанистички план, со што ќе бидат вклучени сите институции, засегнати во процесот, бидејки овде имаме и земјоделски површини, каде треба да биде вклучено и Министерството за земјоделие, а се вклучуваат и МЕПСО и ЕВН и општините како исклучително важни органи и институции, кои што знаат на територијата на својата општина , каде е возможно, а каде не, да постават вакви објекти. Од тој аспект во делот на поставување на фотонапонски електроцентрали на земјиште, потребно е изработка на урбанистички план и документација која ќе се предвиди прво пренамена на таквата површина, од земјоделско во градежно земјиште, за истата да може да биде поставена, заврши Министерот.

За градоначалникот Пекевски, денешниот настан ќе биде од огромна корист за граѓаните на Општина Берово, кои во солидна бројка, пројавиле интерес за поставување на фотонапонски централи,  на своите кровови и објекти.

-Верувам дека имаме голема заинтересираност од граѓаните, имаме неколку барања, до општинската администрација, со временски период и јасно утврдени насоки и временскиот рок и роковите, кои што треба да бидат процесуирани и начинот на кој би добиле одобрение за градба и истите да отпочнат со сопствените инвестиции. Верувам дека тоа ќе биде од огромна полза за информираноста, во пресрет на енергетската криза, со која се соочуваме, рече Пекевски.

 

Транзицијата кон зелена енергија е примерен фокус и потреба повеќе од било кога и во таа насока Министерството за транспорт и врски ја поедностави процедурата за поставување на фотоволтаици со што ќе добиеме  самоодржливи домаќинства и компании, но ќе биде и помош за  централниот електро -енергетски систем.

Министерството за транспорт и врски и во следниот период ќе продолжи со промоција на новите поедноставени процедури и во другите општини низ државата.

Горе