Во чест на навршувањето на 21 година, од смртта на Капетан Зоран Бубевски, денеска на спомен обележјето на четворицата загинати бранители од Берово , во конфликтот 2001 година, заеднички со претставници од Батаљон за врски Скопје, семејството на Бубевски и претставници од Здружението на воени инвалиди, положивме свежо цвеќе, пред неговата биста.
Оддадовме почит, ја споделивме таката и уште еднаш си ветивме дека неговата жртва и дело, никогаш нема да биде заборавено, засекогаш ќе го памтиме како херој, кој го даде животот, за нешто поголемо од себе.
Зоран Бубевски, Никола Пехчевски, Љупчо Мирчовски и Димитар Двојаковски, пред 21 година, застанаа во редот со Дедо Иљо Малешевски, Димитар Поп- Георгиев Беровски, Никола Петров Русински, Леонид Пецовски, Ацо Русковски и многу други херои, кои се вградија во континуитет на изградбата на независна македонска држава и го чуваат вечниот оган кој ние Беровчани, нивните сограѓани, нема да дозволиме да избледи.
Зоран Бубевски е роден на 10 јуни 1968 година во Берово, каде што го поминува своето детство. Основно образование завршил во Берово . Неговата војничка кариера ја започнува во ЈНА на воената гимназија во Белград, а потоа и на воена академија во Рајловац и Бања Лука. Дипломирал 1991 година. Во текот на својата кратка војничка кариера има извршувано повеќе должности: Командир на 1 стрелачки вод, во 2 пешадиска чета во гарнизонот ,,Кичево” , Командир на 3 вод во 2 наставна чета во гарнизонот ,,Кичево”, Командир на 2 стрелачлки вод, 3 пешадиска чета во 13 пешадиска бригада гарнизон ,,Кичево”, помошник на командирот за обука во 4 грб во гарнизонот ,,Куманово”. На 31 мај во конфликтот 2001 година, загинува од нагазна мина, на патот кон времената караула „Биљак“ кај Блаце.
Слава му на загинатиот бранител ЗОРАН БУБЕВСКИ и вечен спомен!