Денеска, во Општина Берово се одржа инфо сесија посветена на Јавниот повик за граѓански организации за поднесување предлог-проекти, во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 – ReLOaD3, финансиски поддржана од Европската Унија.
Присутните ги поздрави градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, кој изрази благодарност до Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и Европската Унија, за нивната континуирана поддршка во унапредувањето и зајакнувањето на граѓанскиот сектор. Тој истакна дека преку програмата ReLOaD3 се создаваат значајни можности за реализација на квалитетни иницијативи и проекти кои одговараат на потребите на локалната заедница.
Инфо сесијата им овозможи на присутните подетално да се запознаат со условите и критериумите на Јавниот повик, како и да добијат дополнителни појаснувања во врска со подготовката и поднесувањето на проектните апликации.
Целта е да се поттикне подготовката на квалитетни, одржливи и реално применливи проекти, кои преку соработка и партнерство ќе придонесат за подобар квалитет на живот и конкретни придобивки за граѓаните на Општина Берово.
Со заеднички ангажман на локалната самоуправа, граѓанските организации и сите релевантни чинители, продолжуваме да создаваме можности и иницијативи во интерес на нашата локална заедница.



