Преку 220 милиони евра на располагање за општините – Берово пример, за одржлив локален развој.
Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска оствари работна посета на Берово, каде што се сретна со Градоначалникот Ружински, со советниците во Советот на Општина Берово и со општинската администрација .
Средбата со градоначалникот Ружински и членовите на Советот на Општина Берово, ја искористи за дискусија за прашањата од значење за локалниот развој, за можностите кои се ставени на располагање на општините, преку Ресурсниот центар, како и за процесот на ажурирањето на базите на даночни обврзници, кој директно ќе придонесе кон зајакнување на самоодржливоста на општините.

Во фокусот на разговорите беше и информацијата дека од минатата недела, активни се двата јавни повика, наменети за проекти, што ќе придонесат за рамномерен регионален развој — преку Програмата за намалување на диспаритетите и Програмата за рамномерен регионален развој. За оваа намена, обезбедени се вкупно 223.423.000 денари.
„Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој стојат на располагање на општините, за споделување на дополнителни информации и поддршка во процесот на аплицирање, со предлог проекти“ потенцираше министерот Перински.
Во Берово, посебен акцент беше ставен на проектот „Нискојаглеродна InFinity патека“, финансиран во рамки на првиот повик од ИПА III Програмата за прекугранична соработка Interreg (VI-A) Бугарија –Македонија, во рамки на Приоритет 3 „Интегриран развој на пограничниот регион“.
Проектот има за цел, зајакнување на туристичката понуда и ревитализација на регионот.
„Во рамки на проектот, Општина Берово ќе ја реконструира 22- километарската оф-роуд велосипедска патека, околу Беровско Езеро, а ќе се изгради и современ вело-хаб, со сервисни и санитарни содржини. Овие инвестиции директно ќе придонесат за зголемување на бројот на посетители, продолжување на туристичката сезона и поттикнување на локалната економија“ нагласи градоначалникот Ружински.
Вредноста на проектот за Берово, изнесува 117.736 евра, од кои 15% се кофинансирање од Министерството за локална самоуправа.
Министерот изрази задоволство од динамиката на работа на градоначалникот на Општина Берово, посочувајќи дека локалното раководство покажува сериозна посветеност, во справувањето со тековните предизвици.



