Денеска, пред споменикот на Даме Груев во центарот на село Русиново, беше положено свежо цвеќе и беше оддадена длабока почит кон ликот и делото на македонскиот револуционер, по повод 119-годишнината од неговата смрт.

Со овој свечен чин, се потсетивме на големината на човекот, кој целиот свој живот го посвети на борбата за слобода и достоинство на македонскиот народ.
Даме Груев остави силна историска и морална порака, дека слободата не се добива како дар, туку се освојува со жртва, истрајност и пожртвуваност.
Стоејќи пред неговиот споменик, ја потврдивме обврската да ги чуваме и негуваме вредностите за кои тој се бореше – слободата, правдата, единството и љубовта кон татковината.

Неговото револуционерно дело останува траен потсетник, дека иднината се гради со храброст, визија и непоколеблива верба во сопствениот народ.
Општина Берово и понатаму ќе продолжи да го негува историското паметење и да им оддава почит на македонските револуционери, кои ги втемелија темелите на нашата слобода.













