Хотел Манастир од Берово ја освои престижната титула „Амбасадор на традиционалното гостопримство и кулинарна автентичност“ на регионалниот настан Balkan Awards of Tourism Industry 2025, што се одржа во Софија. Во конкуренција со водечки хотели од Македонија, Бугарија, Грција, Србија и Косово, ова признание претставува значаен успех не само за хотелот, туку и за Општина Берово и целата Малешевија.
Оваа награда претставува важно и позитивно признание не само за хотелот, туку и за регионот, преку кој нашиот крај сѐ појасно се позиционира на туристичката карта на Балканот.

Во услови кога туризмот игра значајна улога во локалниот и регионалниот развој, ваквите успеси отвораат можности за:
- зголемена промоција на регионот,
- подобрена туристичка понуда,
- економски ефекти и раст на локалните бизниси,
- засилена соработка со партнерите од соседните земји.
Овој успех на Хотел Манастир е уште една потврда дека Берово има што да понуди – не само како природна оаза, туку и како пример за развиен, одржлив и професионален туризам. Признанието ја нагласува важноста и на семејните и традиционални вредности што ги негува хотелиерството во Берово, но и улогата на туристичките капацитети во градењето регионална доверба и соработка.
Balkan Awards of Tourism Industry се одржуваат повеќе од една деценија и претставуваат еден од најзначајните настани за туристичката индустрија на Балканот, со цел промоција на врвни туристички практики и зајакнување на соработката меѓу земјите во регионот.

