Во рамките на проектот „Поддршка на имплементацијата на регионалните системи за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион – NEAR/SKP/2022.EA/0137“, на просторот паркинг на локација поранешен ,,Брик АД Берово”, поставени се четири контејнери за одделно собирање на отпад, што претставува дел од Пилот проект, насочен кон поттикнување подобри навики за одлагање и селекција на отпадот меѓу граѓаните.
Контејнерите се со капацитет од 1,1 m³ и служат за одделно собирање отпад од пакување. За истите е поставена и информативна табла со јасни инструкции за правилна селекција и одлагање на отпад и истите се дел од Активност 1 – Развој и имплементација на регионална програма и кампања за подигање на јавната свест.
Новите садови ќе служат како практичен пример за тоа како ќе функционира идниот регионален систем за управување со отпад, кој треба да донесе поефикасно, контролирано и еколошки одговорно справување со отпадот во двата региони.
Целта на оваа активноста е да се зголеми јавната свест, да се промовира правилното одлагање и рециклирање, како и да се поттикне активно учество на граѓаните во одржливите практики за заштита на животната средина. Поставената информативна табла обезбедува видливи упатства за тоа кој вид отпад каде припаѓа, што дополнително ќе придонесе за подобра селекција и намалување на количината на отпад што завршува на депонија.
Оваа пилот-мерка претставува само еден од чекорите во поширокиот процес за воспоставување модерен, регионален и долгoroчно одржлив систем за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион. Проектот ќе продолжи со реализација на нови активности, едукативни кампањи и инфраструктурни решенија кои ќе ја подобрат животната средина и квалитетот на живот на граѓаните.
