Околу 100-тина граѓани, претставници на локалната самоуправа, институции, граѓански организации, вчера одлучуваа за приоритетите за реализација во 2026 година, во рамки на втората форумска сесија во Берово.
На форумот се обрати Градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, кој изрази задоволство од присутноста и активното учество на граѓаните. Тој истакна дека сите предлози од граѓаните, кои не се соочуваат со урбанистички, правни или други објективни пречки, ќе бидат соодветно вметнати во програмите за работа за 2026 година.
-Нашата цел е да реализираме што е можно повеќе идеи кои произлегуваат директно од Вас, затоа што најдобрите решенија, се оние што произлегуваат од заедницата. Со заедничка посветеност, навремено планирање и активно учество на сите Вас, сигурен сум дека во 2026 година, ќе изградиме општина, која ќе биде пример за организираност, транспарентност и вистински развој, воден од потребите на граѓаните- нагласи Ружински.
За време на форумот произлегоа голем број предлози поврзани со инфраструктура, спорт, култура и образование, од кои граѓаните донесоа одлука во програмите да влезат 3 приоритети:
- Изработка на проектна документација за уредување на патеката до Манастирот ,,Успение на Пресвета Богородица”
- Изградба на инклузивно игралиште и уредување на влезот кај Комплексот ,,Стара Гимназија” и
- Изработка на проектна документација за реконструкција на водоводот и резервоарот за вода во с. Двориште
Сите приоритети, за кои се изјаснија граѓаните, на втората форумска сесија, веќе се вметнати во Програмите за работа на Одделението за комунални дејности и заштита на животна средина и истите утре ќе се најдат на гласање пред советниците на четвртата седница на Совет на Општина Берово. Останатите проекти, кои беа предложени од граѓаните, а кои немаат некакви пречки за реализација, ќе бидат земени во предвид, како предлог идеи за реализација во следниот период.
Со оваа сесија го заокружуваме Форумскиот процес и продолжуваме со креирање на Буџетот на Општина Берово за 2026 година.
Сметаме дека форумскиот процес, беше исклучително успешен, потенцирајќи ја важноста на активната вклученост на граѓаните, за креирање политики и решенија кои ги одразуваат реалните потреби на заедницата.
![]()
