Градоначалникот Пекевски, заедно со Раководителот на Одделението за локален економски развој, Ѓорѓи Пеовски, деновиве, престојуваат во Брно- Чешка Република, каде што, присуствуваат на URBIS – форум за паметни градови, во рамките на Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа ,,Енергија, транспорт и заштита на климата (ORF-ETC)”, поддржан и организиран во соработка со Министерството за индустрија и трговија на Чешката Република, имплементиран од GIZ, а кофинансиран од Германското федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ) и Европската Унија (ЕУ).
Заедно со делегациите од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија тие имаат можност да посетат релевантни примери на технички решенија во градови во Чешка и да разменат и споделат искуства за одржлив и паметен урбан развој.
Проектот ORF-ETC, има за цел да ја поддржи енергетската транзиција, заштитата на климата и одржливата урбана мобилност во Западен Балкан и да го олеснува развојот на планови за одржлива енергија и клима, преку имплементација на инфраструктурни проекти и зајакнување на повеќе нивоа на управување.
Еден од клучните фокуси на Проектот, е поттикнување на регионална и меѓурегионална размена, овозможувајќи им на партнерите од земјите од Западен Балкан да се поврзат едни со други и со колеги од цела Европска Унија, да споделуваат искуства, да учат од најдобрите практики и да воспостават долгогодишни односи.
URBIS – Форумот за паметни градови, претставува динамична комбинација од меѓународен саем и ексклузивна конференциска програма. Ги истакнува водечките иновации во паметните градови и служи како платформа за споделување на најдобри практики и решенија.
Овој настан претставува можност да се вклучиме и директно да разговараме со практичари, креатори на политики и иноватори кои ја обликуваат иднината на одржливиот и паметен урбан развој во Европа и да ја продлабочуваме и прошируваме економската соработка, а со тоа да влијаеме кон унапредување на процесите на интеграција.
Република Чешка ги поддржува напорите за интеграција на земијте од Западен Балкан, повеќе од 10 години и ја одразува континуираната поддршка, давајќи приоритет на односите со Европската Унија.













